Официјална Тирана стравува дека амбициозниот проект за изградба на луксузен комплекс во туристичко – развојната зона која треба да се формира на брегот од Охридското Езеро во Љубаништа, непосредно до границата со Македонија, може да ја загрози заедничката иницијатива за прогласување на регионот Охрид – Преспа за биосферен резерват под заштита на УНЕСКО. На јавната расправа што се одржа вчера во Охрид, на која беше презентирана студијата за влијанието врз животната средина на туристичката развојна зона Љубаништа 1, претставникот на Албанија побара одговор дали Македонија ќе го испочитува билатералниот договор согласно кој е испратена апликација до УНЕСКО, која треба да биде разгледана во месец март.

-Важно е оваа иницијатива на Министерството за транспорт за која се води јавна расправа да не го менува статусот на Националниот парк Галичица и на строго заштитените зони, а Преспа да го добие истиот статус како и албанската страна. Не може да добиеме статус на бисферен резерват ако ги немаме овие елементи на заштита.-рече Аријан Мероли албански претставник во Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро.

Од консултантската компанија која ја изработи студијата, истакнаа дека согласно ЕСПО конвенцијата Македонија во континуитет ја запознава Албанија со сите детали поврзани со проектот за формирање туристичка развојна зона Љубаништа 1 кој се наоѓа во прва фаза и сметаат дека со интензивирање на комуникацијата можат да се надминат сите отворени прашања.

-Треба да се воспостави една континуирана соработка на годишно ниво не само на овој комитет што постои туку и на повисоко ниво.-изјави Љупчо Аврамоски – стручен консултант.

Аврамовски истакна дека не е толку важно дали Охридското Езеро ќе биде под заштита на УНЕСКО, туку што ќе направат Македонија и Албанија да не го изгубиме водниот ресурс кој треба да служи за идните генерации, посочувајќи дека извршените еколошки анализи во Љубаништа покажале загриживачки резултати.

-Од она што го видовме на терен сега има голема деградација на земјиштето со оглед на тоа дека се работи за национален парк, а пренаменети се земјените површини во површини со овошни насади кои предизвикуваат сериозни проблеми со продукција на еутрофикација и нутриенти во Охридското Езеро.-рече Аврамовски.

Инаку туристичката развојна зона Љубаништа 1 опфаќа површина од 28,6 хектари, во најголем дел земјоделско земјиште, околу три хектари е шума – евла, а дел е имот на МПЦ. Покрај оваа, во Љубаништа предвидени се најмалку уште две развојни зони, од кои едната длабоко навлегува во водите на Охридското Езеро.

Г.М.