По Грција и Албанија ќе го искористи правото на вето за да ја спречи Македонија во обидите да стане членка на НАТО, објавуваат неколку албански медиуми.

Според пишувањата во неколку  медиуми, меѓу кои и Балканеу, албанскиот премиер Еди Рама во Тирана порачал дека Албанија нема намера да го прифати пристапувањето на земјава во НАТО доколку Охридскиот договор не е целосно исполнет.

Рама се осврнал на настаните во Куманово и ги коментирал аспирациите на Македонија да стане членка на НАТО.

„За жал, во Куманово, зборовите тероризам и Албанец беа сплотени во обид оваа етничка група да се именува како терористичка. Ова е неприфатливо не само за нас, туку и за македонската држава. Мора да ѝ биде јасно на оваа земја дека Албанците остануваат конститутивен државен играч во земјата. Нема поопасно нешто што може да ни се случи во борбата против тероризмот од вклучувањето на поимот терорист во справувањето со настаните. Мешањето на овие термини ќе биде неприфатливо за нас, исто како и теророт што го забележаа невините жители на Куманово. Македонија не може да стане членка на НАТО без гаранција на Охридскиот рамковен договор“, рекол Рама.

Рама додал дека ги поддржува напорите на сите земји од Балканот, вклучително и на Косово, за влегување во НАТО, но што се однесува на Македонија, порачал дека Албанија „ги поддржува сите напори за барање излез од кризата, но од Самитот во Велс во септември 2014 бара и да се донесе одлука дека најважната работа е гаранција за спроведување на Охридскиот договор“.

OhridNews

Извор:„Макфакс“