СВР Охрид приведе двајца од тројцата албански државјани кои завчера ја ограбиле црквата во струшкото село Луково, а третиот ограбувач е сеуште во бегство. Според СВР Охрид ограбувачите се членови на меѓународна криминална група и според првичните сознанија, начинот на провалување бил сличен со претходните десетина кражби низ црквите во овој регион, така што постои голема веројатност оваа тричлена група да стои зад сите кражби.
-Приведените на 21 овој месец извршиле тешка кражба во црква во селото Горно Луково при што успеале да одземат три икони и други вредни црковни предмети. Непосредно по нивното излегување од црквата биле пресретнати и приведени од страна на полициските службеници. На едно од приведените лица му е изречена мерка притвор, а нашите служби сеуште трагаат по уште едно лице кое што се претпоставува дека е дел од оваа криминална група. –изјави Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.
Тој нагласи дека успехот на оваа полициска акција се должи на соработката со месното население од Струшкиот регион.












