Најмалку 2.000 Албанци со стотици албански знамиња, знамиња на САД, Европската Унија и НАТО придружени од гласна албанска музика на чело со лидерот на Демокрациа е Ре, Имер Селмани, вчера протестираа пред Собранието во центарот на Скопје.

Како што пренесува „Макфакс“, со транспарентите „Груевски доста е“, „Албанци – продадено“ и „ДУИ и ВМРО се вљубени“ под мотото „Не се попишуваш, не постоиш“, насобраните демонстранти го изразија своето незадоволство од коалицијата на власт и бараа пописот на населението кој е закажан во април, да се одржи во јули и да трае еден месец. Меѓу транспарентите беше забележлив и еден со зборовите „Стоп за национализмот“, но не се забележа македонското знаме.


Протестот беше под големо полициско обезбедување, но помина мирно и без инциденти. Колона од демонстранти со огромен аплауз ги пречека лидерот на Демокрациа е Ре, Имер Селмани, како и останатите високи функционери на неговата партија.

 „Со овој масовен протест одлучени сме да го спречиме донесувањето на Законот кој брише над 30 отсто од албанското население во Македонија,“ рече Имер Селмани и додаде дека неговата партија има единствена цел – „да го спречи дискриминаторскиот и антиалбански закон кој го предлага Владата на ВМРО и ДУИ“.

Тој истакна дека пописот не треба да се одржи во април, туку во јули и дека наместо 15 дена, треба да трае еден месец, и истиот да ја опфати и албанската дијаспора.

 „Бидете само еднаш мажи и не гласајте како што ви наредиле Никола Груевски и Али Ахмети. Гласајте како што бара албанскиот народ, електоратот кој ве гласал да бидете пратеници,“ им порача Селмани на пратениците на ДУИ.

Лидерот на Демокрациа е Ре на крајот ја поздрави подршката на протестот од Албанците во Америка, Западна Европа како и од другите страни на светот.

OhridNews
извор: „Макфакс“