На улицата “Димитар Влахов” деновиве се исечени 24 садници липи, од кои над 90% беа со трули корења или пак нападнати од паразити, рече на денешната прес- конференција Сашо Алче, директорот на ЈП “Комуналец”, чии екипи денес ги отстрануваа корењата од исечените садници.


Оставивме неколку корења од исечените садници за јавноста да се увери дека тие беа целосно трули, а поради тоа липите претставуваа опасност за минувачите. Освен тоа при цутењето на липите кај голем број од граѓаните се предизвикуваа алергиски реакции. Затоа, локалната самоуправа е децидна во намерата и ќе продолжи со реализацијата на проектот за реконструкција на дрворедите при што липите ќе бидат заменети со садници од Лигуструм, рече  Алче.


Тој  потенцира дека садниците од Лигуструм се избрани поради тоа што станува збор за дрва кои се со низок раст, развиваат големи крошни, а чии корења растат вертикално.

– Со тоа при растот на овие дрва нема да дојде до оштетувања на тротоарите и подземните инсталации, како што досега беше случај со корењата на липите, рече Алче.


Од утре започнува садењето на новите дрва на местото од веќе исечените кои засега се наоѓаат во расадникот на „Охридски комуналец“. Со сечење на преостанатите липи од улицата ќе се продолжи штом се добие налог од градоначалникот.


Според најавите на локалната самоуправа, во рамки на проектот предвидено е да се отстранат вкупно 53 садници липа од улицата “Димитар Влахов”, на чие место ќе бидат засадени нови вкупно 80 садници Лигуструм. Дел од нив беа засадени минатиот месец, на просторот пред  охридската Гимназија. Според најавите, по завршување на овој зафат ќе следат и други активности за целосна  реконструкција на улицата „ Димитар Влахов“.

OhridNews