Вечерва со почеток во 21 часот, во предворјето на црквата “Света Софија” ќе биде прикажана една од најпознатите претстави наменети за најмладите, “ Алиса во земјата на чудата” од Луис Керол, а во изведба на Театарот за деца и младинци од Скопје.

За режисерот на претставата, Александар Ивановски, кој втор пат по ред соработува со Театарот за деца и младинци, подготовката на “Алиса во земјата на чудата”, претставувало голем предизвик и задоволство.


– Во театарот владее прекрасна и креативна работна атмосфера. Актерите се вистински професионалци на кои секогаш можеш да се потпреш.  Се обидовме да го прикажеме отворањето на сонот, врз основ на текстот кој е непресушен извор на имагинација. Со нетрпение ја чекам  вечерашната изведба на претставата на просторот на црквата Света Софија, кој се разликува од затворената сцена во театарот, и сметам дека новиот амбиент во кој ќе се изведе ќе донесе сосема нов квалитет на претставата, вели режисерот Ивановски.

Во претставата играат: Марија Ѓорѓијовски, Предраг Павловски, Тања Кочовска, Катарина Илиевска, Винета Дамчевска, Владимир Лазовски, Ана Левајковиќ и Драган Довлев.

За да се игра во детски претстави, пред најискрената публика- децата, пред се треба да се има голема желба за тоа, истакна Винета Дамчевска, која е дел од актерската екипа во претставата.

Чувството да играш за деца е многу убаво и поразлично, тие или те сакаат или не и веднаш го покажуваат тоа, вели Дамчевска.

Директорот на Театарот за деца и младинци, Драган Довлев, информира дека во тек се преговори со надлежните во Центарот за култура и Охридскиот театар, за нивно гостување со некоја од детските претстави во Охрид. 

OhridNews