
Па така, охриѓани се најнепожелните клиенти. Доколку не се возите на подолга релација и тоа по можност кон плажите такси тешко ќе добиете. Околу пладне, а и потоа дел од компаниите ги исклучуваат телефоните па така не можете ни да нарачате такси. А ако ги добиете ладно ќе ве откачат дека нема ниту едно слободно возило во градот! Сите биле на плажите! Само не ни е јасно каде ги возат клиентите од плажа?
Охриѓани и добро поминуваат во споредба со туристите:
„Ве молам посветете малку внимание на охридските таксисти. Направете една истражувачка сторија за сите да видат како таксистите им ја дерат кожата на туристите. Во какво светло е претставен градот кога туристот кој влегува во такси е пречекан од дрзок и безобразен таксист кој што цената на превозот ја кажува уште пред да го вклучи таксиметарот, а многу често и одбива да ве вози ако релацијата не му одговара“, ни пишува Дарко М. Но тој не е единствен. Деновиве до нашата редакција пристигнуваат бројни реакции на односот на охридските таксисти.
Ќе рече некој па добро не се сите таксисти во Охрид такви и не е коректно да се ставаат во исти кош. Апсолутно се согласуваме со таквата констатација, но за жал впечатокот е таков затоа што чесните и професионалните возачи не се заштитени од нелојалната конкуренција и валканите играчи во овој бизнис и затоа што бројните одлуки на градскиот совет не се почитуваат, а надлежните замижуваат пред хаосот кој им се случува пред очи. Е затоа впечатокот за охридските таксисти за жал е генерален и затоа час поскоро од улиците треба да се тргнат “таксистите“ кои се резил и за професијата и за градот.












