Со годинини наназад во охридската јавноста се споменува продолжување на времетраењето на туристичката сезона, но и збогатување на понудата преку активности насочени кон природата, културните знаменитости, традициите, руралните средини, планината и екологијата. Во суштина, алтернативните форми на туризам на гостите кои престојуваат на ривиерата, треба да им понудат нешто ново и поразлично од она што имале можност да го видат и доживеат во други туристичкии дестинации.
Алтернативен туризам
Според проф. д-р Зоран Тунтев од Факултетот за туризам и угостителство, иако Охрид со години наназад се декларира како летна туристичка дестинација, стручното мислење е насочено дека градот треба да почне да развива други форми на туризам, кои ќе конкурираат на масовните туристички движења.
„Во основа постои една дискрепанца помеѓу она што наоѓаме во теоријата и тоа што се случува на терен. По „дифолт“, алтернативниот туризам е замена за масовните видови туризам. Освен јули и август, сите облици и туристички движење претставуваа алтернатива. Охрид години наназад се декларира како летна дестинација и тие мотивациски елементи, вода, песок и сонце, најчесто доминираат во нашата пропагандна акција. Но владее стручно мислење дека градот треба да почне да развива други форми на туризам, кои ќе ја имаат таа алтернативна форма и ќе конкурираат на масовните туристички движења во летниот период.“ – вели Тунтев.
Охрид плодна почва за развој на културен туризам
Културниот туризам по дефиниција претставува забавно и едукативно искуство кое ги комбинира уметноста, природното и културното наследство со историјата. Како што објаснува Тунтев, се повеќе странски туристи кои престојуваат на ривиерата најчесто ги посетуваат културните знаменитости со кои располага Охрид.
„Пријатно сме изненадени од луѓето кои го посетуваат градот и тоа најмалку поради капење, лежење на плажа или сончање. Не треба да заборавиме дека нашите плажи не можат да конкурираат на меѓународната сцена. Намема такви атрибути, но затоа можеме да се наметнеме со кирилицата која е етаблирана во Охрид, со двата признати светци чии мошти се уште се тука, со првиот карантин кој се наоѓа во стариот дел на градот и со слични такви моменти кои за жал не се доволно познати. Во зачетна фаза во следните десет години, овие атрубити ќе ја имаат таа слика на алтернативни видови туризам.“ – објаснува Тунтев.
Природата и незагадениот воздух главни атрубути на еко-туризмот
Еко-туризмот е современа форма на туристичка алтернатива, која произлегува од потребата на човекот за враќање кон природата, во услови кога забрзано доаѓа до урбанизација. Многумина сметаат дека главниот атрибут на охридскиот регион треба да биде токму природата.
„Со оглед на тоа што се уште цивилизацискиот импакт не е толку силен да го наруши комодитетот на природата, квалитетот на водата и почвата е добар, воздухот е чист, треба да се посвети внимание на овие туристички движења со „еко“ предзнак и мислам дека многу невладини организации, Владата и сите овие активности во последно време, се насочени кон таквите форми на туризам.“ – вели нашиот соговорник.
Етно и рурален туризам
Познато е дека голем број рурални средини се почесто се одлучуваат за развој на алтернативни видови туризам, настрана од масовните туристички движења. Тоа се средини во кои туристите можат да се занимаваат со полјоделски, сточарски активности, преработувачко и занаетчиско производство со традиционални карактеристики, учество во свечености и манифестации, седенки и фолклорни средби. Многумина сметаат дека со оваа форма можат да заживеат многу заедници кои се оддалечени од урбаната сфера на живеење.
„Тоа е секако алтернатива на масовните туристички движења, но исто така зависи од оние три клучни фактори. Потребно е државата да биде инволвирана, еснафот и дел од населението кое ужива бенефит од развојот, како и општествената заедница на локално ниво. Тука е и локалната самоуправа или некакви селски заедници, кои функционираат во рамките на тие помали рурални средини.“ – вели Тунтев.
Туристичката понуда богата со алтернативи и атрактивности
Туристичките чинители од Охрид сметаат дека во основните пакети кои се нудат на туристите, спонтано и ефикасно се вметнуваат алтернативи и атрактивности, кои во одреден временски интервал можат да се наметнат како масовна форма на туризам.
„На мое задоволство, спонтано вметнуваме атрактивности во основната понуда која ја нудиме на туристите. Верувам дека секој оној кој доаѓа во Охрид ужива во тие алтернативи. Полските туристи кои по вокација доаѓаат да лежат на плажа, ќе прошетаат по знаменитостите, ќе одат до „Св. Наум“, Галичица итн итн. Така да, сакале или не, ние веќе ги имплементираме тие алтернативни форми. На пример ако планираме да развиваме нуркачки туризам и после голем временски период увидиме дека илјадници луѓе доаѓаат поради тоа, можеме тоа да го извлечеме како посебна форма не сметајќи на останатите. Тоа е забележано и на други дестинации и очекувам дека некои од овие алтернативи, во одреден дел од годината ќе се наметнат како доминантни.“ – завршува Тунтев.
O.T.