Доколку пратениците не им дадат подршка на 13-те илјади граѓани кои се потпишаа за враќање на дневната евтина тарифа,  Граѓанската иницијатива „АМАН“ планира собирање 150 000 потписи и одење на референдум.

Според „АМАН“, доколку предложените измени во Законот за енергетика бидат отфрлени и на пленарната седница во Собранието, единствената шанса за враќање на ефтината струја е организирање референдум.

„Уставот предвидува собирање 150 000 потпси за одржување на референдум. Тоа можеме да го искористиме, откако ќе дознаеме дали пратениците позитивно се изјаснале на понеделничката пленарна седница на Собранието.“ – изјави за „Плусинфо“ Зорица Димовска, од граѓанската инициатива „Аман“.

Досега, овие 13 илјади потписи не добија подршка расправата во собраниската комисија за економски прашања. Како што потенцира заменик-министерот за економија, со прифаќање на барањата  ќе се зголеми увозот на струја, односно ќе се оптоварат хидроцентралите во земјава.

Инаку, „АМАН“ има поднесено две барања за измени во Законот за енергетика, од кои едното е да се врати дневната евтина тарифа на цената на струјата.

OhridNews