Доколку побрзаме со исполнување на условите кои ги постави УНЕСКО за зачувување на статусот светско наследство, ќе успееме во тоа. Градењето околу Охридското Езеро треба да биде строго регулирано со урбанистичко планирање. Хотелите кои работат со туристи треба да се усогласат со градот или во спротивно треба да разберат дека ќе мора да се откажат од статусот светско наследство, истакна во интервјуто за МИА јапонскиот архитект Јамасаки Масафуми.
Имено, Јамасаки Масафуми е почесен професор на Универзитетот „Рицумејкан“, член на Институтот за градско планирање на Јапонија и член на Јапонскиот комитет на ИКОМОС.
Тој е роден во 1947 година во Кјото. Дипломирал на Универзитетот во Кјото (Оддел за архитектура, инженерски факултет) во 1971 година. Магистрирал и докторирал на истиот Универзитет. Тој е лиценциран архитект од 1976 година.
Масафуми утре ќе говори на предавањето за зачувување на езерата насловено „Балансирање на зачувувањето на животната средина и регионална/туристичка промоција на Охридското Езеро преку соодветно управување со локалитетите на светското наследство“, организирано од Амбасадата на Јапонија во Скопје и Амбасадата на Јапонија во Тирана заедно со ЏАЈКА Алумни – Мак-Јамс.
Во интервјуто, Масафуми вели дека зачувувањето на животната средина, туристичката промоција на езерото и соодветното управување со светското наследство се тесно поврзани.
Овие три точки се поврзани една со друга. Ако која било од нив недостасува, туризмот не може да се промовира. Ситуацијата е различна за секоја локација која е прогласена за светско културно наследство. Каков е случајот со Охридското Езеро? Одлучноста на локалното население е многу важна. Важно е да се промовира туризмот, но доколку се работи само на тоа поле, ќе дојде до уназадување. Управувањето со локалитетите кои се прогласени за светско наследство и зачувувањето на животната средина можеби се можни самостојно, но со такво постапување ќе биде тешко да се добие поддршка од населението, истакнува Масафуми.
Како експерт за зачувување на културното наследство, професорот вели дека ако се работи брзо може да се исполнат барањата на УНЕСКО за две години.
Зарем Охридското Езеро не е светско наследство? Исто така важно е да се зачува историскиот центар на градот околу езерото. Мислам дека тоа може да биде сработено за две години, доколу побрзате. Околу зачувувањето на природата околу Охридското Езеро, изгледа невозможно да се изградат уште куќи и хотели со цел да се сместат повеќе туристи. Тоа би требало строго да се регулира со урбанистичкото планирање. Јас не сум запознаен со вашата земја. Тешко би било да се соедини разбирањето и однесувањето на жителите во градот. Прашањето е во колкава мера вие го правите тоа, вели Масафуми.
-Не сум сигурен што може да се направи. Важна е политиката за зачувување на историскиот град, особено во однос на урбанистичкото планирање. Секако важни се и намерите на експертите за културно наследство. Сметам дека е важно да се преземе предизвикот за зачувување на културното наследство, додава Масафуми.
Треба да се подобри капацитетот на прочистителните станици. Ако нема доволен третман на отпадните води, тоа претставува проблем. Во Јапонија е правило да нема корпи за отпад по улиците и туристите го носат отпадот дома со себе. На местата каде што се продава храна има корпи за отпадоци или вендинг машини во кои се собира само отпадот што е создаден таму. Предлагам градот или државата да работи на подигање на свеста кај посетителите во тој правец, како што направивме ние во Јапонија. Ако не го направите тоа, тогаш градот ќе мора да вработи повеќе работници во комунална хигиена што ќе се грижи за собирање на отпадот.
Во однос на дивоградбите кои се горлив проблем во регионот, вели дека хотелите кои работат со туристи треба да се усогласат со градот или во спротивно треба да разберат дека ќе мора да се откажат од статусот светско наследство. Или е едното, или е другото. Дури и да не се градат хотели и дали имате само дневни туристи можете да го зголемите бројот на туристи. Но, со ветување дека ќе нема отпад.
Можно е да се комбинира туризмот со одржувањето на животната средина. Во случајот со Охридското Езеро, невозможно е да се комбинира зачувувањето на животната средина со развојот на туризмот, бидејќи езерото е древна средина. Тоа е мое мислење, вели Масафуми.
OhridNews













