На Државниот Универзитет за информатички науки и технологии “Св. Апостол Павле” – Охрид, по иницијатива на Неговата Екселенција Samuel Valis- Akyianu, Амбасадор на Република Гана во Република Македонија, Република Србија и Република Романија, беше остварена средба со проректорот на Универзитетот, Д-р Устијана Речкоска Шикоска.


Средбата имаше за цел продлабочување на соработката на Универзитет за информатички науки и технологии “Св. Апостол Павле” со Република Гана, на полето на образованието и науката, размената на студенти и наставно – научен кадар, како и соработка во научните истражувања. Амбасадорот на Република Гана, истакна дека постои одлична билатерална соработка помеѓу Република Гана и Република Македонија, што претставува уште еден мотив за соработката со Универзитетот  “Св. Апостол Павле”, како единствен од ваков тип во Република Македонија и пошироко, информираат од Универзитетот.


Амбасадорот изрази огромна благодарност до менаџментот на универзитетот, како и до целиот наставно – научен кадар за исклучителниот професионализам и целокупната помош која ја имаат студентите од Република Гана на УИНТ од Охрид, со најава дека покрај 20-те студенти кои веќе втора година студираат на овој Универзитет, голем број на нови студенти од Република Гана се заинтересирани да студираат на овој универзитет, како на додипломски, така и на магистерски студии на УИНТ, во периодот кој следи.

“Соработката со Република Гана, како во областа на информатичките науки и технологии, така и на меѓудржавно ниво е од особена важност за Универзитет за информатички науки и технологии “Св. Апостол Павле” – Охрид, како и за нашата држава воопшто” истакна Проректорот на Универзитетот , Доц. Д-р Устијана Речкоска Шикоска.

Во рамки на посетата Амбасадорот на Република Гана, Samuel Valis- Akyianu истакна дека е воодушевен и од убавините на Охрид, од историјата и културното наследство на градот и Република Македонија.

OhridNews