Градскиот совет на вчера одржаната седница ја усвои програмата за  управување со градежно земјиште во сопственост на Република Македонија на подрачјето на општина Охрид за 2012 година. Во неа се утврдени делови од државното  неизграденото градежно земјиште на територијата на Општина Охрид , кое во иднина ќе биде на располагање на Локалната самоуправа, со што ќе се придонесе за поефикасно привлекување инвеститори и побрз локален економски развој.

-Програмата се состои од неколку делови. Во неа земјиштето е поделено според начинот на кој ќе се управува, така што имаме земјиште кое ќе биде отуѓувано, земјиште кое ќе биде давано на долготраен закуп, земјиште кое ќе биде давано на краткотраен закуп и земјиште кое ќе биде со јавно приватно партнерство, објасни Бранко Арнаудоски, раководител на Секторот за урбанизам и заштита на животната средина.

За јавно приватно партнерство се предлагаат просторот кај автобуската станица, градскиот пазар и локации за катни гаражи. На тој начин според опшптината ќе се обезбедни прилив на сметка на општината,  а исто и со отуѓување на земјиште за изградба на хотелско-угостителски објекти станбени згради и семејни куќи. Од продажбата на земјиштето 80 проценти од средствата ќе се слеваат на сметка на општината, а остатокот ќе оди во буџетот на државата.

Долгорочен закуп на земјиште е предвиден за училиштата и образовните институциите и објекти од областа на здравствена заштита кои ќе потпаднат под локална самоуправа, додека на краткорочен закуп ќе се издаваат плажите и локациите за поставување на урбана опрема.

Арнаудоски појасни дека согласно законот за води и во иднина на земјиштето кое се наоѓа 50 метри во длабочина од највисоката природна кота на Охридското Езеро нема да биде дозволена градба на објекти.

OhridNews