Американскиот универзитет „Харвард“, во својата универзитетска библиотека чува оргинална уметничка илустрација на Манастирот „Света Петка“ од охридското село Велгошти, која е насликана пред 166 години. Овој уметнички цртеж, со пејсажни мотиви, го насликал познатиот англиски патеписец Едвард Лир при својата посета на охридскиот регион во 1848 година.
Според добрите познавачи на историјата на манастирот, оваа слика е една од најстарите реалистични претстави за овој православен комплекс, кои можат да се најдат во историските архиви.
-Едвард Лир бил личен учител по цртање на британската кралица Викторија, тој бил писател, автор на бројни поетски збирки и илустрации. Тој престојувал во Охрид во септември 1848 година и покрај останатите патеписни илустрации и белешки од овој регион, поминувајќи по стариот пат од планината Петрино, го насликал и манастирот „Света Петка“. Од неодамна копија на оваа слика е подарена на манастирот, но истата може да се најде и во рамки на дигиталната библиотека на „Харвард“, вели Владимир Шокароски, кој во моментов ја подготвува првата целосна Монографија за манастирот.
Овој млад велгоштанец, кој е студент на електротехника вели дека е посебно поврзан со манастирот и имал голема желба да подготви едно вакво издание.
-Истражувањето за подготовка на монографијата го започнав во 2010 година. Вршев целосно истражување од историски, културолошки и духовен аспект. Изданието е речиси финализирано, рецензијата е завршена, ни остана само уште лектурата, печатењето и промоција, која се надевам дека ќе биде за брзо време. Монографијата ќе претставува едно збирно дело на сите кои истражувале пред мене, вели Шокароски.
Тој нагласува дека промоцијата на ова дело ќе донесе на виделина многу непознати факти поврзани со манастирот и неговата историја.
-До сега не беше познат точен податок за тоа кога е подигнат манастирот, се знаеше дека најстарите пишани податоци датираат од 19 век. Но јас во истражувањето дојдов до податок дека манастирот за прв пат се споменува во 16 век во Барањето за помош кое охридскиот археписоп Гаврил го испратил до Рускиот цар Фјодор I Ивановиќ . Исто така најдов и податок дека во 17 век, манастирот бил под управа на црквата „Света Богородица Перилепта“ од Охрид. Тоа значи дека историјата на манастирот е многу подолга отколку што сме сметале до сега, појаснува Шокароски.
Тој додава дека во монографијата ќе биде објавен и описот за манастирот кој го дал Бранислав Нушиќ во 1892 година, првата професионална фотографија која била направена од овој православен комплекс, како и нови факти околу иконостасот и фрескоживописот на црквата.
Освен овие податоци, во монографијата ќе бидат поместени и неколку преданија, кои се поврзани со изградбата на манастирот, за чудотворната икона на Света Петка, за лековитата вода и за многу други настани кои се случувале во неговата околина.
Велгоштани кои се грижат за одржување на манастирот, се надеваат дека монографијата ќе придонесе за поголема туристичка промоција на манастирот.
–Чистиот планински, воздух и прекрасна природа, манастирски мир и неповторлив панорамски поглед на Охридското Езеро ги има само тука и на ниедно друго место. Голем број на туристи кои се дојдени се воодушевуваат од манастирот, а голем е и бројот на оние кои ги повторуваат своите посети, велат велгоштани.
Манастирот во моментов располага со пет новоопремени соби и два конака во кои можат да се сместат околу 20 лица.
-Собите и конаците се пристојно опремени, а гостите што се сместени можат да ја користат големата манастирска кујна, која е опремена со сите апарати и садови за домаќинство. Манастирот има и сопствена винарница, па во секое време ќе може да вкусат од прекрасното вино подготвено од манастирско грозје, велат лицата кои се грижат за одржување на манастирот.
Манастирот „Света Петка“, покрај културно и верско, има и историско значење за Охрид и за Македонија. Во неговите конаци на 6 јули 1901 година Христо Узунов ја формира првата чета во Охридско. Во манастирот постои спомен-соба во која се одржал овој важен собир.
Повеќе од 20.000 верници го посетуваат манастирот за двата големи христијански празници посветени на Света Петка, едниот во август, а другиот во октомври. Исто така, во рамките на манастирскиот комплекс во август се одржуваат поетските средби посветени на Живко Чинго, кој потекнува од Велгошти.
Е.М












