Еден од аргументите во правната забелешка за одредување мерка притвор на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанскиески кој е осомничен во неколку предмети што ги води Специјалното јавно обвинителство, бил дека наводно тој според полициски извори планирал бегство, откако негов посредник му соопштил дека претседателот Иванов нема намера да го аболицира, како што тој барал од него.

Кабинетот на Претседателот на државата, по објавата во јавноста на Решението на Основниот суд Скопје 1 за определување на мерка притвор против Миле Јанакиески, категорично негира каква било инволвираност во врска со донесената судска одлука.

Ја информираме јавноста дека ниту е побарана, ниту одржана средба со посредник на Миле Јанакиески, како што е наведено во службената белешка на УБК, класифицирана „строго доверливо“, а која е основ за определување на мерката притвор. Миле Јанакиески телефонски побара средба со Претседателот Иванов која е одржана на 13.11.2018 година, вторник во 16:00 часот во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија. На средбата, воопшто не беа дискутирани темите амнестија, на која се повикува судот во решението за притвор, која е во надлежност на Собранието на Република Македонија, ниту пак темата аболиција.

Сметаме дека станува збор за конструкција на лаги врз основа на претпоставки со цел да се инволвира Претседателот на Република Македонија, видливо од јавно објавеното образложение на решението на Судот.

Сето ова претставува груба полициска манипулација и инволвирање на полициски службеници со што се извршени кривични дела злоупотреба на службена положба и овластување, фалсификување на исправа, употреба на исправа со невистинита содржина.

Останува нејасно, врз основа на што се следат активностите на претседателот Иванов и неговиот Кабинет од страна на УБК?

Очекуваме итни одговори од Министерот за внатрешни работи, од директорот на УБК, од претседателот на Основниот суд Скопје 1 на дописите од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија коишто беа испратени денеска.

Кабинет на Претседателот на Р. Македонија Ѓорѓе Иванов

OhridNews