
При крајот на минатата година, во весникот Интернационал Хералд Трибјун беше објавена статија од некојси Анти Карасава на тема односите т.е преговорите околу името помеѓу Македонија и Грција. Меѓу другото, Карасава нагласува дека грчката дипломатија активно лобира во НАТО со цел замрзнување на процесот за прием на нашата земја, со што специјалниот ОН посредник Метју Нимиц би добил време да изнајде решение и добар предлог за решавање на спорот што трае 15-тина години. Како што е познато Нимиц и предложи 5 понуди.
Иако во тој период од 14-15 години Македонија јасно, во многу наврати, покажуваше и покажува добра волја за преговори и со тоа решавање на проблемот, тврдата и на моменти национал – шовинистичка позиција на Грција не дозволува никаков напредок во решавање на спорот. И покрај тоа што е очигледно кој е виновникот во „најбаналниот“ спор во историјата, во последно време (а и пред тоа години наназад) меѓународната заедница иж удира „шамари“ на Македонија и македонската дипломатија со став дека Македонија има непопустлива позиција и таа го кочи процесот на брза солуција и „договор“ за името. Дури и да се најде некое решение пред сеж поизвесниот влез на Македонија во НАТО, убеден сум и тоа се покажува деновиве со неверојатниот притисок врз нас, дека ќе биде на наша штета (наместо ФИРОМ ќе бидеме „Северна“, „Нова“ или во најдобар случај „Демократска“ Македонија).

Ваквата дипломатска „покриеност“ секако дека чини многу пари. Поголеми и побогати земји од Грција не се толку ангажирани во странство. Од каде на малата Грција која има само десетина милиони жители, тогаш толку пари? Се разбира, одговорот лежи во Европската Унија. Уште од 1975 година, политиката за развој на неразвиените подрачја на Унијата (тогаш Заедница) ги ангажираше своите структурални фондови. Во периодот од 2000 до 2006 година овие фондови достигнаа до една третина од целокупниот буџет на Унијата, а (погодувате) Грција беше најголем, но сепак не единствен корисник на тие фондови.

Сепак останува фактот дека Македонија ни оддалеку не ги користи Македонците-иселеници со високо образование како што тоа го прави Грција. Многу Грци кои се во дипломатијата имаат блиски врски со државите во кои што ја претставуваат својата земја, таму се образувани и ги познаваат законите и бизнис релациите на земјите во кои се пратени од страна на Грција. Такво нешто на наша страна скоро воопшто и да нема. Слабо се „користат“ нашите во светот. Мора нашата земја да проба со поголемо ангажирање да направи мрежа на конзулати барем приближно развиена како грчката. Сето тоа е многу скапо пред сеж, но ИМЕТО е поскапо.
Спаско Костоски









