Постои политички притисок врз институциите, врз работата на судскиот систем и врз националните антикорупциски тела во Македонија и останатите држави во регионот. Ова е еден од заклучоците на анализата за актуелните состојби и корупциските предизвици во земјите од Југоисточна Европа, што ја спроведуваше мрежата SELDI.
-Недостатокот на политичка волја за справување со корупцијата, недоволната институционална независност го забавува спроведувањето на антикорупциските политики. Резултат на ова е присуството на корупцијата на највисоко политичко ниво кое тешко се истражува, заради широк политички имунитет на функционерите, пишува во заклучоците од анализата.
Во нив пишува и дека приватните интереси во земјите од регионот имаат изразено економско влијание и можат да вршат надворешен притисок што се одразува на курсот на владеење.
-Корупцијата го шири своето влијание во економските текови, најчесто одбивајќи ги странските инвеститори кои немаат позитивна перцепција за развивање и ширење на своите бизниси во земјите од ЈИЕ, се потенцира во анализата.
Другите истражувани предизвици се недостигот на транспарентност во финансирањето на политичките партии, нетранспарентноста во управувањето и дистрибуцијата на државниот буџет, како и конфликтот на интереси и ниската законска регулација за него.
Во подготовка на Анализата SELDI на територијата на република македонија учествувале Институтот за Демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МCMS) и Охрид Институтот за меѓународни и економски стратегии (ОI).
Освен во Мaкедонија оваа анализа ги опфатила и состојбите во Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Косово, Црна Гора, Србија и Турција. Анализата е подготвена во рамките на проектот „Граѓанско општество за добро владеење и антикорупција во југоисточна Европа: градење на капацитети за мониторинг, застапување и подигање на јавна свест“ кој е финансиран од Европската Унија.
OhridNews












