Празните сали, очајната организација, ненавременото аужирирање на информациите на  официјалната интернет страна, превозот на ракометарите и техничките пропусти оставија негативен белег на 23-то Светско првенвство во ракомет кое се одржа во Шпанија од 11 до 27 јануари. Титулата од планетарниот собир му припадна на домаќинот Шпанија, кој пак, воопшто не се погрижи да направи спектакл како што доликува за еден собир на сите ракометни ѕвезди.


– 23тото Светско првенство во ракомет за сениори кое се одржа во Шпанија имаше многу организаторски недостатоци но и многу новини кои се надевам во иднина ќе се надоградат и усовршат во интерес на подобра организација на првенствата. Би сакал уште еднаш да напоменам дека гледано од мој агол ова првенство како никое досега немало толку недостатоци кои за жал во неколку наврати директно влиаеа на резултатите на некои натпревари меѓу кои и нашиот од 1/8 финалето со Германија. Не би сакал да амнестирам никого, но како поранешен спортист можам да кажам  дека еднодневниот  транспорт пред натпревар за мене секогаш лошо влијаел на резултатот – истакна Иван Цветкоски поранешен репрезентативец во Атлетика на Македонија.


Шпанија воопшто не го искористи планетарниот собир за промовирање на својата држава и култура, а празните седишта во салите го надополнија целокупното сивило. Македонија пред пет години беше домаќин на женското Европско првенство. Натпреварите се играа во Охрид и Скопје и тоа беше максимално искористено за промоција на нашата држава.

-Би сакал да потенцирам дека еден спортски настан нуди можности за промоција на државата и градовите домаќини. Ова светско првенство покажа дека добрата организацијата не секогаш се темели на  големината на буџетот. За “малите” држави како нашата тоа треба да е предност кога станува збор за наша идна кандидатура за организаирање на еден меѓународен спортски настан. За тоа секако треба да има предуслови ( инфраструктура, организација), но секако најмногу од се треба да се има визија и стратегија како да се дојде до тоа еден ден. Никогаш не е доцна да се почне трката со конкурентите, замислете што тоа би значело за Охрид и Македонија – рече Цветкоски.

Единствена светла точка на 23-то Светско првенство беше екстра квалитетениот ракомет што го прикажаа селекциите учесници. Победникот на мундијалот Шпанија демонстирираше атомски ракомет, вицепрвакот Данска пленеше со дисциплината, додека “бронзената“ Хрватска веќе неколку години е во самиот ракометен врв. Враќање при врвот најавија германците кои на мундијалот беа елиминирани од домаќинот во четвртфиналето, најголемо изненадување беше репрезентацијата на Словенија, која стигна до полуфиналето, а на мундијалот во Шпанија беше ставена точка  на “златната“ генерација на Франција.


– Шпанија со помош од публиката пружи фантастични претстави, особено во финалето во Барселона. Данците играа најдобар ракомет се до финале, кога апсолутно не личеа на никаква екипа, едноставно како тие како да не беа тие. Хансен покажа и докажа дека е најдобар и најкомплетен играч во моментов во светот. Французите мислам дека можеа повеќе но очигледно дека се веќе остарени и неможат да се носат со останатите селекции – посочи Атанас Поп Стефанија, претседател на ракометниот клуб Охрид 2011.

 

Македонската ракометна репрезентација по историското петто место на Европското првенство во Србија, на мундијалот во Шпанија направи чекор наназад и не го повтори или подобри пласманот од 11-то место на СП во Хрватска 2009 година.


– На македонскиот народ кога една селекција или клуб ќе забележи значителен успех наеднаш апетите му растат, тоа логично треба да биде така, но квалитетот на селекцијата си го направи своето. Репрезентацијата е составена од ракометари кои доаѓаат од македонското првенство, а од нив беше изваден максимумот. Не може на големи натпревари секогаш да се чека на Кирил Лазаров и тој на своите плеќи да ја носи селекцијата. Треба повеќе работа со младинските категории за Македонија да има повеќе алтернативи и поголем избор на ракометар. За лошиот пласман излишно е да се обвинува само селекторот Ѕвонко Шундовски, бидејќи тој беше немоќен. Кај него би замерила само за односот што допушташе некои ракометари да му ја потценат неговата функција. Оставката на селекторската позиција која ја поднесе по завршувањето на мундијалот можеби беше испровоцирана од многуте невкусни шеги кои ги смислуваа македонците на негова смета. Кога ќе се собере се Македонија одлично се престави на мундијалот, покажа дека игра со срце и дека има светла иднина во ракометот – потенцираше тренерот на охридските кошаркари, Весна Балазоска.

Во Охрид натпреварите од македонската ракометна репрезентација на мундијалот во Шпанија будно и со емоции се следеа во кафе барот “Кадмо“ каде сите стискаа палци за победа на Македонија.

Михаил Постоловски