Фудбалскиот клуб Реал Мадрид веќе ја започна потрагата по наследникот на Жозе Мурињо на тренерската клупа, пишува реномираниот спортски весник „Марка“. Управата на Кралскиот клуб знае дека португалскиот стратег ќе остави голема празнина со своето заминување, па затоа започна потрага по нов тренер кој е способен соодветно да ја врши улогата.

Во секој случај, како што наведува „Марка“, конечниот збор ќе го има Флорентино Перез, кој постави четири услови што новиот тренер мора да ги задоволи. Мора да знае да управува со соблекувалната преполна со ѕвезди, да има искуство во некоја од големите европски лиги и Лигата на шампионите, мора да знае да се носи со притисокот и да соработува со медиумите.

„Марка“ наведува дека прва желба на Перез е италијанскиот тренер на клупата на ПСЖ Карло Анчелоти, за кој „Л’Екип“ пишува дека нема да го дочека крајот на сезоната на клупата на парискиот клуб. Втор на списокот желби е актуелниот селектор на германската фудбалска репрезентација Јоаким Лев, кому во прилог му одат напаѓачката филозофија и резултатите.

Актуелниот договор на Мурињо со Реал Мадрид истекува во летото 2016 година, но „Марка“ наведува дека Португалецот ќе ја напушти клупата во јуни следната година. Самиот Мурињо ваквите шпекулации ги демантираше, но очигледно никој не му поверувал.

“Макфакс“