Ракометарите на Охрид 2011 ја забележаа втората победа сезонава и тоа втора на домашен. Во Охрид падна лидерот во шампионатот тимот на Драчево.

Охриѓани до вториот триумф стигнаа откако подобро се снајдоа во играта “гол за гол“ која се одвиваше во голем дел од натпреварот. На теренот брилираше Андоновски, постигнувајќи осум погодоци додека во вториот дел на голот се разбуди Пецаков кој собра 13 успешни интервенции.


– Мечот против Драчево беше вистински испит за сите нас, кои го положивме со чиста десетка. Прво морам да ја истакнам физичката подготвеност на нашата екипа, а и среќата беше на наша страна, што ни го трасираше патот до победата – потенцираше Андоновски.

Левото крило на Охрид, Андоновски минатата сезона настапуваше во тимот на Драчево. Но, тоа не го поколеба и попречи да биде најдобар ракометар на теренот.


– Секако дека мотив повеќе за мене беше да играм против поранешниот клуб. Голем дел од ракометарите ми се и добри пријатели. Тоа не значеше дека ќе имам  “попуст“ во одбраната и милост во нападот. Напротив одиграв со срце и многу ми е мило што победивме на овој меч – заврши Андоновски.

Во петтата рунда охриѓани патуваат во Прилеп да ги одмерат силите со истоимената екипа.

Мх.П.