– Поддршката од публиката на дуелот со Радовиш ни е потребна како никогаш до сега – рече охридскиот ракометен стратег Горан Андоновски и додаде – Верувам дека екипата ќе ги надмине овие тешки моменти по незаслужениот пораз од Текстилец во првата рунда. Исто така верувам дека моите избраници ќе дадат се од себе, ќе се наднимат себеси и ќе и возвратат со победа на охридската публика.

Дуелот в сабота во 19 часот во „Билјанини Извори“ е одлучувачки за гостинскиот состав, а охридските ракометари со победа над радовишани во борбата за опстанок ќе обезбедат нови три бодови.

– За нив ова е одлучувачки натпревар бидејќи со победа во Охрид ќе обезбедат пласман во разигрувањето за титулата, а за нас ако успееме да ги победиме ќе значи плус три бодови во борбата за опстанок – истакна Андоновски.

Харизматичниот тренер на „гладијаторите“ се огласи за заминувањето на Томоски и Димитриоски од охридскиот суперлигаш.

– Тешко ни падна тоа што во зимскиот преоден рок не само што не се засиливме туку и останавме без двајца ракометари кои беа членови на првата постава. Нивното заминување секако дека се чувствува во екипа како нашата со мал ростер на ракометари на клупата – заврши Андоновски.

Мх.П.