Спортската јавност и македонскиот народ по петтото место на Европското
првенство во Србија, на мундијалот во Шпанија очекуваше чекор напред.
Македонската селекција потклекна и Светското првенство го заврши со
пораз од Германија во осминафиналето.

–  Резултатот не е толку
лош, колку што загрижуваше играта на нашата селекција на Светското
првенство. На ни еден натпревар не прикажавме добра игра, а посебно не
на оние кои требаше против Исланд и Германија. Пласманот не е лош за
една мала држава како нашата, но пак ќе напоменам играта беше очајна.
Репрезентативците не пружија ни пола од тоа што го можат и тоа како ги
бранат боите на клубовите –
потенцираше поранешниот репрезентативец
Горан Андоновски.

Нападот на репрезентацијата беше најслабата
алка на мундијалот. Одбраната потфрли, но секогаш тука беше голманскиот
тандем Митрески – Ристовски да ги корегираат.

– На Светското
првенство во Шпанија разочаран сум од Наумче Мојсоски, кој потполно
потрфрли. Мојсоски можеби не беше спремен поради повредата, но повеќе
очекував од него. Кога не неговите слаби претстави ќе се додаде
“тивкиот“ Миркуловски, капитенот Лазаров мораше целиот товар да го
понесе на плеќите. Голема можеби и најголема вина има и селекторот
Ѕвонко Шундовски. Селекторот по петтото место на Европското првенство се
прецена и направи кардинални грешки со кроењето на составот. Неможе во
една селекција да има четири десни крила, а едно лево крило, и на тие
четворица да не им се даде шанса –
рече Андоновски.

Месец дена
пред почетокот на мундијалот репрезентативците па селекторот ја обвинија
Ракометната федерација на Македонија за неисплатени плати и премии. РФМ
ги смири страстите откако објави дека дел ќе им бидат исплатени пред
СП, а останатиот дел по завршувањето.

– Проблемите во
селекцијата ескалираа во најлошо време на еден месец пред почетокот на
мундијалот. Потоа патувањето до таму беше вистинско патешествие за
ракометарите, што е премногу за еден спортист. Во ракометната федерација
на Македонија треба да се свестат дека селекцијата ни направи неколку
чекори наназад. Селекторот Ѕвонко Шундовски треба да даде свој отчет за
сработеното, и да ги истакне сите проблеми ако ги има во селекцијата и
составот –
посочи Андоновски

На планетарниот собир во Шпанија,
покрај голманскиот тандем Ристовски – Митрески во добро светло се
покажаа помладите ракометари.


– Единствената позитивна работа на
Македонија од Светското првенство во Шпанија е зрелата игра на Филип
Лазаров, Гоце Георгиевски, Никола Марковски и Дејан Манасков. Во вакви
натпревари се градат карактерите на ракометари. Морам да го пофалам и
Стоилов, но за него ова беше второ учествот на големо натпреварување и
него го сметам за искусен
– заврши Андоновски. 

Мх.П.