Поразот од Преспа во Ресен беше четврти во серија за охридските ракометари во Супер лигата. Но, покрај оваа мини криза стратегот на охриѓани Горан Андоновски верува во исполнување на зацртаната цел пред почетокот на сезоната, а тоа е опстанок во лигата.
– Распоредот имаше голем придонес за мини кризита во нашиот состав. Но, нашата цел е да обезбедиме опстанок и убеден сум дека на крајот од сезоната ќе успееме во тоа – рече охридскиот тренер.
Само 15 погодоци постигнаа ракометарите на Охрид на дуелот со Преспа, со што уште еднаш се покажа дека нападот е слаба страна на охриѓани. А, со толку погодоци неможиш да се надеваш на триумф.
– На мечот со Преспа кој го загубивме повредите си го направија своето. Соколов не тренираше цела недела, Крсте Андоновски не ни беше во составот поради повреда, а засилувањето Димитриовски одигра одличен натпревар. Вината е само во нас бидејќи одново одигравме слаб меч во напад, но и судиската двојка од Гостивар доста му помагаше на домашна екипа – додаде Андоновски.
Во 11-то коло од Супер лигата во Охрид доаѓа тимот на Пелистер, кој е далеку од својот препознатлив сјај, но е големо име во македонскиот ракомет.
– На големо се подготвуваме за дуелот со Пелистер, кој може и тоа како да ни ја врати самодовербата во екипата. Во Охрид пред нашата верна публика можеме да изненадиме секого, а зошто да не и Пелистер – заврши Андоновски.
За мечот со „зелено белите“ Андоновски ќе ги има сите ракометари на располагање вклучувајќи го и левото крило Крсте Андоновски.
Мх.П.