Андреа Савиќ, ученичка од електротехничката струка, образовен профил Електротехничар за компјутерска техника и автоматика, е првенец на генерацијата за 2026 година во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ – Охрид.

Андреа е ќерка на Маја и Предраг Савиќ од Охрид и е родена на 14 октомври 2007 година. Своето образование го започнала во ООУ „Григор Прличев“ – Охрид, каде што уште од најрана возраст покажала исклучителна посветеност и љубов кон учењето, стекнувајќи диплома за континуиран одличен успех. Нејзината љубов кон математиката се развила уште во основното образование преку учество на општински и државни натпревари, а понатаму успешно ја надградуваше во областа на електротехниката, инженерството и компјутерските науки.

Во текот на средното образование Андреа се истакна како талентирана, вредна и дисциплинирана ученичка, која сите четири години ги заврши со континуиран одличен успех и примерно поведение. Со својата посветеност, активно учество во бројни проекти, натпревари и воннаставни активности, таа достојно го претставуваше училиштето и постојано се надградуваше како личност и иден инженер. Својот инженерски дух, креативност и аналитичко размислување ги демонстрираше преку учество на повеќе натпревари, eTwinning проекти и хакатони, меѓу кои SEEUTechPark, RoboMak, AI & Sustainability in VET Education (AISVE), Државен натпревар на стрчни училишта и др. каде што успешно ги применуваше стекнатите знаења и вештини, велат од училиштето.

Посочуваат дека особено значаен е нејзиниот успех во областа на мехатрониката и информатиката, каде што освои прво место на 11. Меѓународен натпревар за електротехника, мехатроника и инженерство „Balkan Junior 2025“ во Словенија, на кој се натпреваруваше во конкуренција на учесници од седум држави.

Покрај одличните академски резултати, Андреа во текот на своето средношколско образование се издвојуваше и по својата скромност и добрина. Таа беше пример за другарство, одговорност и човечност, вредности кои ја прават вистински амбасадор на нашето училиште, потенцираат.

Додаваат дека од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ – Охрид, Андреа заминува подготвена за нови академски предизвици и за продолжување на своето образование на некој од техничките факултети.

Уверени сме дека со својата посветеност, љубопитност, знаење и креативност ќе продолжи да постигнува значајни успеси и ќе биде дел од идните технолошки иновации и општествени промени, велат од училиштето.

OhridNews