Започнаа подготвителните активности за комплетна реконструкција на улицата „Јане Сандански“ од крстосницата со булеварот „Туристичка“ до кружниот тек кај Болнички комплекс и замена на дотраената азбестна водоводна линија.
Во рамки на зафатот, целосно ќе биде заменет речиси пет децении стариот дрворед, кој, како што информираат стручните служби на општината, предизвикува сериозни проблеми на целокупната инфраструктура, под и над земјата.
На најавата за замена на стариот дрворед на улицата „Јане Сандански“ реагира еколошкото движење Охрид SOS, кое бара веднаш да се повлече таквата одлука, а јавноста детално да биде запознаена со сите детали и аспекти на најавената реконструкција.
Јавноста не знае што освен „промена на водоводната азбестна линија“ ќе значи таа реконструкција. Дали ќе има дрворед од двете страни на улицата, како некогаш? Какви садници ќе ги заменат овие дрвја кои се сега? Дали воопшто ќе се засадат дрвја? Зошто има потреба од отстранување на дрвјата? Дали ќе има велосипедска патека од двете страни, како на другите улици или повторно ќе се паркираат возила на едната страна? – прашуваат од Охрид SOS.


Деновиве ќе се изврши отстранување на старите и оштетени стебла од дрворедот на улицата. Во рамки на проектот за реконструкција на оваа важна сообраќајница, планирано е подигнување на нов дрворед. Општина Охрид во согласност со својата годишна програма, во континуитет инвестира во подобрување на животната средина и одржување на зеленилото во градот. Во тек е тендерска постапка за набавка на вкупно 300 четиригодишни садници од видот Acer platanoides, од кои дел ќе бидат наменети за новиот дрворед на улицата „Јане Сандански“. – вели Георгиески.

Г.М.
















