Најголем проект на новата локална власт предводена од ВМРО ДПМНЕ и градоначалникот Кирил Пецаков во изминатите стотина дена претставува масовната приватизација на општината и јавните претпријатија. За само три месеци од доаѓањето на власт ВМРО ДПМНЕ и градоначалникот Пецаков во општината и јавните претпријатија реализираа околу 50 нови вработувања, рече на денешната прес конференција координаторката на советничка група од ОО СДСМ Охрид Живка Ангелоска.
Општината и јавните претпријатија се натрупуваат со нивен партиски кадар. За волја на вистината овој нивни проект навистина неможеме да го оспориме и негираме. Сега ни е сосема јасно зошто во Буџетот на Општина Охрид за 2022 година новата локална власт значително ги намали капиталните расходи. За нив беше најлесно да ги намалат финансиските средства за реконструкција на улици, објекти, за нови системи за водоснабдување, за одведување и пречистување на отпадни води. Средства, од огромно значење за подобрување на квалитетот на живеење на охриѓани, рече Ангелоска.
Со промислено дефокусирање на јавноста, со добро познатиот популистички метод, својствен за ВМРО ДПМНЕ и нивниот начин на владеење, со месеци лицитираат со бројки за наводни големи долгови на општината и на јавните претпријатија, истакна Ангелоска, додавајќи дека претходната локална власт, без никаква основаност и без тронка срам ја нарекуваат криминална и неодговорна.
Доколку и сами веруваа во тоа што го говореа, доколку имаа искрен пристап кон одговорноста и кон домаќинското работење во најмала рака ќе ја поштедеа општината и јавните претпријатија од нови вработувања. Ќе го намалеа бројот на планирани вработувања, наместо да го зголемуваат како што тоа го направија со планираните вработувања на Општина Охрид за 2022 година. Каква светла иднина им ветуваше новата локална власт на охриѓани кога во изминатите три месеци освен проектот за нов начин на санирање на ударни дупки, најуспешен проект што го реализирале е масовната партизација на општината и јавните претпријатија. Нови 50 вработувања за само стотина дена, рече Ангелоска.
Време е новата локална власт, потенцираше Ангелоска, покрај проектите што ги наследија од претходната локална власт да ги реализираат и сопствените проекти што им ги ветија на граѓаните и време е да отпочнат да работат за доброто на сите граѓани, за доброто на Охрид, а не само на удоволување на желбите на еден тесен круг од своите сопартијци.
Н.С.Ј.













