Еден бод ја дели А репрезентацијата до освојување на првата позиција во групата од Д лигата и учество во баражот за пласман на Европското првенство за две години, откако „црвено жолтите“ на гостувањето со 2-0 ја совладаа селекцијата на Лихтенштајн. Селекторот на Македонија, Игор Ангеловски смета дека играта може да се поправи, но трите бодови биле во фокусот на мечот со противникот.
- Играта секако дека може да се поправи, но на овој меч нас бодовите многу ни значеа. Кога ќе се победи еден натпревар, мора да се честита и затоа јас им се заблагодарувам на момците. Лихтенштајн добро се бранеше во првиот дел и ни создаде проблеми околу постигнувањето на погодок. Но, после водечкиот гол на Барди на стартот од второто полувреме се беше полесно и жалам што не го решивме порано победникот, бидејќи имавме неколку прилики за втор погодок. – изјави селекторот.
На средбата со медиумите тој отрки дека Аријан Адеми не настапил поради тахикардија, а жали за повредата на Стефан Спироски, кој го повреди коленото десеттина минута откако влезе во игра.
Во последната рунда најдобрата македонска фудбалска репрезентација на домашен терен ќе го пречека Гибралтар.
OhridNews