По пауза од четири години најдобрата македонска фудбалска селекција врза две победи во серија совладувајќи ги со идентични (3-0) Лихтенштајн во мундијалските квалификации и Белорусија во контролниот натпревар кој се одигра во Скопје.
„Црвено жолтите“ со двете победи најавија подобри времиња за репрезентативниот фудбал кој бележи слободен пад на ФИФА рејтинг листата години наназад.
– Го одигравме овој натпревар како да е квалификациски и заслужено победивме. Среќен сум за моите фудбалери што покажаа дека на теренот не се виде разликата од 100 места на ФИФА листата. Не ни треба еуфорија, верувам дека вака ќе продолжиме и во иднина. Среќен сум за дебито на Чурлинов, но жалам што не постигна гол, тоа ќе беше прекрасно. Ја променивме формацијата, имавме контрола на ситуацијата и реагиравме на нивната промена на системот. Наша работа е да се спротиставиме најдобро што можеме против противникот. Моите фудбалери ги спроведоа идеите на претходните пет натпревари, но сега дојдоа и резултатите. Две победи без примен гол ни нудат многу задоволство. Мораме да останеме цврсто на нозе и да бележиме уште подобро резултати. – изјави Ангеловски.
Натпреварот со Белорусија го одбележа капитенот Горан Пандев кој со два погодоци стави точка на голгетерскиот пост и Дарко Чурлинов кој со 16 години и 8 месеци стана најмлад фудбалер кој го носел националниот дрес.
OhridNews