Селекциите на Англија и Франција се последните патници во 1/4 финалето од Европското првенство. Англија минимално триумфираше 1-0 над Украина додека Франција неочекувано претрпе пораз 2-0 од “отпишаната“ Шведска и се пласираше на втората позиција.


По репрезентацијата на Полска и вториот домаќин Украина се збогуваше од ЕП откако претрпеа минимален и во голема мера незаслужен пораз од Англија. Човек на одлука беше повратникот во селекцијата Вејн Руни.

Црна дамка на фајтерскиот меч помеѓу Украина и Англија беше “невидениот“ гол. По ударот на Девиќ последниот фудбалер во англиската одбрана Тери расчисти, топката ја помина линијата а помошникот на Касаи, остана нем и Украина беше драстично оштетена.


Франција пред почетокот на решавачкото трето коло беше на првата позиција, поради подобрата гол разлика од Англија. “Триколорите“ ја загубија таа позиција откако претрпеа пораз од Шведска. “Триколорите“ во 1/4 финалето ќе се сретнат со Шпанија која го брани трофејот освоен пред четири години. Стрелци на головите за “викинзите“ беа Ибрахимовиќ и Ларсон.

Во Групата Д третопласирана заврши селекцијата на Украина додека последна финишираше репрезентацијата на Шведска. Среда е слободен ден од ЕП, а од четврток стартуваат мечевите од 1/4 финалето.

Мх.П.