Веќе неколку месеци на територијата на општина Охрид функционира локалното Здружение за заштита на животните “Анималиа”, прво од ваков вид на ова подрачје. Покрај тековните активности кои секојдневно ги преземаат членовите на „Анималиа“ пружејќи им помош, заштита, лекување и вдомување на уличните животни, сепак овие охридски ентузијасти многу често се соочуваат со низа проблеми воочливи по градските улици.
Фактот што загрижува е тоа што несовесни поединци, проблемот со уличните животни се обидуваат да го решат расфрлувајќи отров по охридските населби.
„ Она што не загрижува е тоа што не можеме да дознаеме кој е сторител на ваквите злодела. Првичните сознанија велат дека комуналното претпријатие оддамна прекина со оваа пракса, а информираат дека решението со прекубројноста на уличните животни го бараат во нивна дислокација на отпадот Буково.“ – вели Климент Арнаудов од Анималија.
Од локалното Здружение ги замолуваат охриѓани доколку имаат сознанија за труење на животни, да ги исконтактираат активистите на „Анималиа“, со цел соодветно постапување според законските одредби и санкционирање на сторителите. Како што потенцира Арнаудов, отровот претставува закана за здравјето на целокупниот жив свет.
„Казните се ригорозни, можат да бидат до шест месеци затворска или пак парична казна, која може да достигне висина до неколку илјади евра во зависност дали сторителот е правно или физичко лице. Информации за овој проблем сме добивале од страна на луѓето кои ја пратат нашата фејсбук страница. Овој проблем не се сведува само на труење на милениците, бидејќи во топлите месеци многу дечиња играат надвор. Ако отровот се растури на тоа подрачје каде играат младите, тоа може да биде доста опасно за нивното здравје.“ – потенцира Арнаудов.
Меѓу долгорочните проблеми со кои се соочува локалното Здружение „Анималиа“, е немањето затворено прифатилиште каде привремено би можеле да се сместуваат уличните животни во текот на ладните зимски денови.
„Досега тоа што е направено, е во соработка со странски организации, кои ни даваат поддршка преку донации, но само за ветеринарни услуги. Ние имаме проблем со простор, а најчесто активистите ги земаат повредените животни во своите домови, што воопшто не е решение. Поради тоа, баравме од општината да ни се даде затворен простор за привремено користење. Зборувавме со секретарот на општина Охрид, кој ни посочи дека ако се најде таков простор општината ќе ни излезе во пресрет. Не упатија кај комуналните служби, кои ни понудија отворен простор и два кафези што ќе ги користиме во идниот период. Тоа е добро решение, но само кога времето е убаво. Доколку заловените животни се стерилизираат, самата постапка бара целосни услови и сместување на животните.“ – вели Димитар Ставрески.
Тој истакнува дека со изградба на затворено прифатилиште наменето за уличните животни во Охрид, ќе биде решен деценискиот проблем со кој градот се соочува.
„Тоа не е проблем само за граѓаните, туку и за туристите кои престојуваат на ривиерата. Имаме многу контакти со странци кои се загрижени за состојбата со бездомните животни не само во Охрид, туку и цела Македонија. Многуммина ни рекоа дека доколку не се реши овој проблем, нема уште еднаш да го посетат Охрид како туристички град, односно ќе направат негативна промоција на своите пријатели и роднини за тоа што точно се случува тука. Најидеално решение е изградба на едно вакво прифатилиште, кое ќе биде под наша контрола, бидејќи сите сме сведоци што се случува во скопското прифатилиште, каде условите се катастрофални и неетички, односно воопшто не се почитува Законот.“ – потенцира Ставрески.
Активистите на „Анималиа“ велат дека односот на луѓето спрема животните е најосновниот доказ за тоа колку човек поседува добрина-духовност и колку е свесен за работите.
„Едно нешто ќе кажам, а тоа е, ако не можете да им помогнете, барем не ги повредувајте животните! Не е само човекот достоен да живее на оваа планета и нема никакво право тој да кажува и објаснува кој смеел, а кој не да има повеќе права. Но, и односот човек со човек не ни е баш за пофалба и често пати кога ке кажеме дека сме Здружение за заштита на животни, ќе ти кажат: „а бе луѓе умираат и немаат да јадат, вие за животните се замарате“. А оние што ќе го кажат тоа не мрднале со прст ни на луѓето да им помогнат. Животните не седат и не кројат планови како да ве ограбат, како да ве навредат, едноставно не прават планови за да ви наштетат намерно, животното реагира на начин на кој што вие ќе постапте со нив, во вас е почетокот на односот со едно животно, ако постапите со добрина и тоа ќе биде добро, ако бидите лоши и тоа ќе биде лошо.“ – вели Вилдана Садикоска.
Активистите на локалното Здружение „Анималиа“ се надеваат дека во идниот период, ќе се стави крај на организираните борби со кучиња во струшкиот и тетовскиот регион, а надлежните во Македонија ќе ја напишат првата казна за сторителите кои ќе бидат фатени на дело.
О.Т.