Здруженијата за заштита на животните „Анималија“ од Охрид и „Анима мунди“ од Скопје, случајот со малтретирање на животни на карневалот во Вевчани го пријавиле на Федерацијата на Еврoпски Карневалски Градови, од каде добиле одговор дека ќе биде ревидиран ставот кон карневалот во Вевчани.

Во дописот кој Федерацијата на Еврoпски Карневалски Градови го испратила до здруженијата за заштита на животните, но и до општина Вевчани се најавува ревизија на ставот кон најпознатиот карневал во Македонија, кој е членка на оваа меѓународна аоцијација.

„Со збунетост ја примив информацијата за суровоста за време на карневалот. Како меѓународен претседател на ФЕЦЦ и како поддржувач на вашиот карневал, искрено сум многу шокиран и ќе го ревидирам мојот став кон вашиот карневал. Исто така за оваа страшна вест ќе се разговара при следната ФЕЦЦ меѓународна средба. Со нетрпение очекувам кои чекори ќе ги преземете кон сторителите.“ – стои во дописот на Ф.M.ван дер Крон, претседател на Федерацијата на Еврoпски Карневалски Градови, кој бил испратен до здружението „Анмималија“.

Активистите на Анима Мунди и неколку други здруженија за заштита на животните, обвинија за садизам и насилство врз животните во рамки на годинешното издание на Вевчанскиот карневал. Тие потенцираат дека се згрозени од фотографиите и информациите од карневалот и најостро ја осудуваат злоупотребата, мачењето на животните кое се случило на улиците на Вевчани. Оттаму потенцираат дека овие слики ја засениле уметноста која секоја година ја прикажува најстариот карневал во нашата држава.

Градоначалникот и општина Вевчани се оградуваат од секоја маска на василичарите, бидејќи немале никакво влијание и учество при нивната подготовка. 

-Карневалот секоја година го организира општината во делот на културно-забавната програма, а што се однесува до василичарите кои се главни актери на 13-ти и 14-ти јануари немаме никакво влијание. Постојат две василичарски друштва од Горно и Долно мало кои ги организираат василичарите. Ние секогаш кажуваме дека маските не се познати пред одржување на карневалот освен традиционалните маски „Зетот и невестата“, „Музиката“, „Црните ѓаволи“ и „Глупавиот Август“. За другите маски ништи не знаеме се до оној момент кога ќе започне дефилето на маски. Како општина се оградуваме од секоја маска бидејќи немаме никакво влијание и учество во нивната подготовка, изјави градоначалникот на Вевчани Цветомир Угриноски.

Според него Вевчанскиот карневал е специфичен и единствен во светот од ваков вид и врз неговото одржување не треба ништо да влијае.

OhridNews