Анита Алоска, вработена во фестивалот „Охридско лето“, е назначена за в.д. директор на националната установа, соопшти Министерството за култура.

-По оставката на досегашниот директор, министерството согласно законот назначи вршител на должност директор од редот на вработените, кој ќе ја обавува функцијата до распишување на нов конкурс за избор на директор, што ќе се случи наскоро, информираат од Министерството за култура.

Како што информиравме, вчера, по само неколку месеци минати на чело на Националната установа фестивал „Охридско лето“, Васко Василески се повлече од функцијата директор.

Василески во изјава за OhridNews вели дека неотповикливата оставка е последица на актуелните случувања во фестивалот.

-И покрај  неколкуте успешните настани  за освежување на Охридско лето за време на зимскиот период  кои беа одлично прифатени од моите сограѓани, актуелните случувања во и околу НУ „Охридско Лето“ , сеопфатната полициска истрага , ме оневозможуваат целосно да се посветам на програмата и враќањето на сјајот на „Охридско Лето“ за што и бев избран.-изјави Василески, кој искажа благодарност на Министерството за култура и Министерката Елизабета Канчевска Милеска за укажната довербата.


Оставката на Василески доаѓа по последните случувања поврзани со назначувањето на раководителите на раководителите на Охридскиот народен театар и на Македонската филхармонија, Горасн Стојаноски и Маја Чанаќевиќ за нови програмски селектори, кои само пет дена подоцна писмено ја известија фестивалската управа дека се повлекуваат од функциите.

Во „Охридско лето“ веќе извесно време во тек се инспекциски контроли, кои ги истражуваат наводите за одредени злоупотреби во минатото, а сериозен проблем претставуваат и големите долговите, неплатените даноци и други обврски  на установата кои се провлекуваат со години.

Превирањата во „Охридско лето“ се случуваат непосредно пред стартот на подготовките за 52-то издание на фестивалот, кои поради актуелните случувања сега се во втор план.

OhridNews