Според новата анкета објавена од Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), македонските граѓани се несигурни околу подготвеноста на лидери на државата да го спроведат Договорот од Пржино потпишан ова лето. Иако севкупното чувство на нестабилност е намалено, анкетата открива сериозна загриженост во врска со капацитетот на институциите да спроведат избори во Македонија, при што граѓаните се сомневаат во безбедноста на нивниот глас и веродостојноста на домашниот Избирачки список.
Со оглед на економската состојба на земјата, егзистенцијални прашања од типот на економијата и невработеноста се најголема грижа на граѓаните во пресрет на изборите во април, кои се предвидени со договорот. Дополнително загрижува тоа што граѓаните укажале дека би претпочитале просперитетна економија пред демократски систем на владеење, во случај да треба да одберат само едно од двете, се наведува во извештајот за спроведената анкета на ИРИ.
Граѓаните се скептични дека партиите ќе го спроведат Договорот од Пржино
По кризата што произлезе од скандалот со прислушувањето на почетокот на 2015 година, македонските политички партии го испреговараа Договорот од Пржино кој повикува на поголема вклученост на главната опозициска партија во државните министерства, оставка на сегашниот премиер, назначување на специјален обвинител да ги истражи кривичните дела кои потенцијално произлегуваат од скандалот со прислушувањето и нови избори во април 2016 година. По потпишувањето на договорот, 42 проценти од испитаниците сметале дека Македонија е помалку стабилна од пред една година, намалено од 58 проценти во анкетата на ИРИ од јуни 2015 година. Иако со пад од високи 61 процент, 51 процент сѐ уште сметале дека дека политичката ситуација бил напната и неизвесна.
Иако постои кревко чувство на стабилност, голем број граѓани немаат доверба дека одговорните партии ќе ги исполнат своите обврски од Договорот од Пржино. На прашањето дали сметаат дека тековните преговори меѓу четирите партии ќе доведат до успешна имплементација сите аспекти на Договорот од Пржино, само 33 проценти од испитаниците одговориле „да“, додека 24 проценти рекле „не“.
„За да се адресираат грижите на граѓаните и да се врати довербата во демократските процеси во Македонија, од суштинско значење е политичките партии и институциите посветено да се придржуваат до обврските од Договорот од Пржино“, рече Јан Сурочак, Регионален директор на ИРИ за Европа. „Со политичките превирања што настанаа во првата половина на оваа година, од голема важност е граѓаните да се уверат дека нивните избрани лидери остануваат посветени на должностите што произлегуваат од нивните функции. Подеднакво важно е специјалните истраги на скандалот со прислушувањето да ја следат процедурата и да не се манипулирани од политичко влијание.”
Загриженост околу способноста на институциите да ги заштитат изборите.
Иако Договорот од Пржино повикува на предвремени избори, сомневања во врска со интегритетот на престојните избори се очигледни. Педесет и два проценти од анкетираните кажале дека сметаат дека државните институции не се способни соодветно да се справат со нерегуларности, доколку се случат на денот на избори. Сепак, интересот за гласање останува висок, пришто 74 проценти се изјасниле дека дека е многу веројатно или донекаде веројатно да гласаат доколку парламентарните избори се одржат денес.
Испитаниците исто така изразиле загриженост во врска со Избирачкиот список, при што 44 проценти рекле дека немаат доверба во веродостојноста на списокот. На прашањето дали премиерот Груевски заслужува реизбор со Да одговориле 35 проценти, спротивно мислат 52 проценти, додека одговор немаат 13 проценти од анкетираните.
Во пресрет на изборите, граѓаните најзагрижени за парчето леб
Како и во многу земји, економијата и вработувањето се главните грижи на испитаниците, при што 41 процент ја спомнале невработеноста како најсериозен проблем со кој се соочува Македонија.
Мнозинството се изјаснило дека, кога би биле принудени да изберат само едно од двете, просперитетна економија би им била поважна (52 проценти) од демократски систем на владеење (41 процент). Бројот на оние што сметале дека просперитетна економија е поважна се зголемил за 12 проценти (од 40 проценти во јуни 2015 година).
„Моменталното национално расположение дава можност на сите избрани и назначени функционери да придонесат за поголем економски просперитет на демократски начин, истовремено зајакнувајќи ја довербата на граѓаните во демократскиот систем на Македонија“, забележа Сурочак.
Оваа анкета е спроведена од Брима, агенција за истражување со седиште во Скопје, Македонија, во соработка со Центарот за анкетни истражувања на ИРИ, преку интервјуа лице в лице од 29 септември до 5 октомври 2015, на примерок од 1 106 македонски граѓани на возраст од 18 години или повеќе.
OhridNews