Само два и половина месеци од формирањето на коалициската влада, новата анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) покажува дека граѓаните на Македонија се повеќе се загрижени за состојбата на нивната економија. Со просечна плата од 444 долари на месец и невработеност која се движи околу 30 проценти, овој песимизам е од особена грижа за новата ВМРО-ДПМНЕ/ДУИ коалициска влада.
„За држава која е желна да добие членство во Европската Унија и чии граѓани гледаат на членството како клуч за нивниот економски напредок, овие бројки се мошне слаби во споредба со тие во соседните држави кои неодамна го финализираа нивниот ЕУ статус.“ – истакна Јан Сурочак, регионалниот директор на ИРИ за Европа.
Граѓаните на Македонија сакаат да видат подобрувања во стандардот на живот
Испитаниците покажуваат забележливо зголемен скептицизам за иднината на економијата, при што само 21 процент од испитаниците веруваат дека економската ситуација во Македонија ќе стане подобра во следните две години, намалување од пет проценти од анкетата на ИРИ во мај 2014 година.
Како што е случај и во последниве две децении, 72 проценти од испитаниците укажуваат дека економските прашања се горливите проблеми во секојдневните животи на граѓаните на Македонија. Овој резултат е подобрување од само пет проценти споредено со анкетата на ИРИ од септември 2010 година, која беше спроведена кога истата владејачка коалиција имаше поминато две години во својот прв мандат.
Граѓаните сеуште цврсто го подржуваат членството во ЕУ и НАТО
Скоро четвртина од испитаниците гледаат на членството во ЕУ како средство кое ќе донесе поголеми можности и просперитет за државата, генерално подобрувајќи ги животите на граѓаните. Поддршката за приклучување на ЕУ останува на високи 72 проценти, а аспирациите за членство во НАТО исто така остануваат на високи 77 проценти.
Сепак, ИРИ забележува надолен тренд во поддршката за членство на државата и во двете организации. Поддршката за членство во ЕУ и НАТО е падната околу 10 проценти од 2012 година.
Пад на слободата на говор и изразување
За прв пат откога ИРИ постави прашање за граѓански права во декември 2010 година, испитаниците искажуваат загриженост околу практикувањето на слобода на говор и изразување. Скоро половина (49 проценти) укажуваат дека слободниот говор и слободното изразување на идеи не постојат денес во Македонија, споредено со 42 проценти кои го мислат спротивното.
Методологија
Анкетата е спроведена од Брима, агенција за истражување на јавното мислење, базирана во Скопје во соработка и анализирана од Вилијамс и соработници во консултација со ИРИ. Анкета беше спроведена преку интевјуа лице в лице од 29 август до 5 септември 2014 година, на случаен примерок од 1 104 македонски граѓани постари од 18 години. Маргиналната грешка е во рамки на плус минус 3 проценти со ниво на доверливост 95 проценти.
OhridNews