На 47-та сесија на УНЕСКО што се одржа во јули годинава, Комитетот за светско наследство предложи регионот на Охридското Езеро да се вклучи на Листата на светско наследство во опасност, со цел да се поттикне порешителна акција и да се обезбеди запирање на деградацијата и враќање на атрибутите во состојба што ја одразува извонредната универзална вредност на подрачјето. Со политчка одлука, Македонија и Албанија добија дополнителен рок од шест месеци, до 1 февруари 2026 година, да преземат конкретни мерки и да покажат резултати во справувањето со проблемите кои ги загрозуваат вредностите на заштитениот Охридски регион, согласно препораките, за да се избегне негово ставање на Листата на светско наследство во опасност.

Во нацрт-документот, повторно се бара од властите да ги суспендираат измените на Деталните урбанистички планови и одобрувањето на Локалните планови за развој надвор од населените места сè додека не се изготви Стратешката еколошка проценка за влијанието на истите, да ги изработат Генералните урбанистички планови за Охрид и Струга, како и соодветно да го уредат просторното планирање за неизградени области.

Се бараат засилени активности за зачувувањето на Студенчишкото Блато, со итна забрана на градежни активности во близина на блатото и комплексот „Горица 3“ се до изготвувањето на Стратешката еколошка проценка и специфичните проценки на влијанијата за сите проекти.

На последната седница на Националната комисија на УНЕСКО во која партиципираат претставници на Министаретвото за култура, на соодветните државни институции, општините и стручни лица, беше истакнато дека следува многу тежок период во кој системот треба да реагира брзо и одлучно, при што беше предупредено дека изборите дополнително ќе ја отежнат работата поради што ќе биде потребна целосна мобилизација на сите институции.

Граѓаните на Охрид, пак, се сомневаат дека институциите ќе испорачаат резултат до зададениот рок. На анкетното прашање на Охридњуз: „Дали очекувате до 1-ви февруари 2026 година да се исполнат барањата на УНЕСКО за зачувување на статусот на Охридскиот регион?“ – 82 отсто од учесниците во анкетата одговориле негативно, а 18 проценти сметаат дека тоа ќе биде направено. Во анкетата беа вклучени 1332 читатели.

Охриѓани песимисти дека до 1 февруари ќе се исполнат барањата на УНЕСКО за зачувување на статусот на Охридскиот регион

До февруари останува малку време. Државата и општините на чија територија има заштитени подрачја, Охрид, Струга и Дебрца, презедоа обврски во насока на исполнување на барањата на УНЕСКО.

Старо-новиот градоначалник на Охрид, Кирил Пецаков, вели дека Општина Охрид останува целосно посветена на исполнување на сите препораки на УНЕСКО, и најави интензивна соработка со сите релевантни институции на локално и централно ниво. Главен приоритет е зачувување на уникатните природни и културни богатства на Охридскиот регион и одржување на неговиот статус како светско наследство, истакна во предизборното интервју за Охридњуз градоначалникот Пецаков.

Во однос на животна средина и инфраструктура постигнат е напредок во решавањето на горливи проблеми во управувањето со отпадните води. Успешно е решен проблемот со проектот за изградба на пречистителна станица во Трпејца. Интензивно се работи на проектот за изградба на пречистителна станица и во селото Љубаништа. Претходно е реализирана изградба на фекална канализација во неколку населени места, со што е ставено под контрола управувањето со отпадните води. Во однос на депонијата Буково , Општина Охрид доби поддршка за изработка на проекти за затворање, рехабилитација и понатамошна грижа за оваа нестандардна депонија. Се работи на постигнување на финалната фаза – нејзино целосно затворање. Во меѓувреме, ЈП „Охридски Комуналец“ ја држи депонијата под контрола со постојано покривање со песок и земја за спречување на опожарувања, а дополнително е планирано оградување, осветлување и поставување на видео надзор, вели Пецаков.

Дали искажаните заложби и преземените активности ќе бидат доволни да се зачува статусот на Охридскиот регион или тој ќе биде ставен на Листата на заштитени подрачја во опасност, останува да се види.

Инаку, оваа година се навршуваат 45 години од донесувањето на Декларацијата со која Охридскиот регион беше ставен под двојна заштита на УНЕСКО како светско културно и природно наследство (5 септември 1980 година). Најпрвин во 1979 година Охридското Езеро се стекна со статус Светско природно богатство. Една година подоцна и Градот Охрид беше додаден на списокот на заштитени културно-историски вредности, со што Охридскиот регион стана едно од само 38 мешовити природни и културни подрачја во светот признаени и заштитени од УНЕСКО.

Г.М.

Следно анкетно прашање: На што ќе се греете во претсојната зимска сезона?