Без многу помпа Охрид се подготвува за одбележување на големиот православен празник Богојавление Водици. Акцентот како и минатата година е ставен единствено на верските обичаи, а ќе изостане културно забавна програма и анимација на гостите.

Култот кон празникот Богојавление Водици во Охрид е исклучително голем. Охриѓани во минатото, како и денес покажуваат исклучителна почит кон традицијата и верата, но сметаат дека ваквите празници треба повеќе да се искористуваат во туристички цели, односно за привлекување на гости. Тоа го потврдуваат и резултатите од десетневната анкета што ја спроведе OhridNews за сопствени потреби.

До пред две години манифестацијата со бројни други содржини кои значително го промовираа Охрид на туристичката мапа, ја збогатуваше здружението „Богојавление“, кое се откажа од организација на прославата за Водици, по јавните критики на поединци кои се против наводна комерцијализација на настанот, а кој според нив треба да има исклучиво верски карактер. 

Познавачите на состојбите сметаат дека со добра стратегија Охрид може да го збогати празнувањето на богојавленските празници и да го валоризира во туристички цели, без да биде нарушена традицијата и црковните обичаи, посочувајќи дека без оглед на се, духовниот момент секогаш ќе биде приоритет за верниците и почитувачите на верата, а за туристите интересен момент од престојот во Охрид кој засекогаш ќе им остане во спомените.

OhridNews