Формирањето на анкетната комисија за таканаречената „Фабрика за афери“ во Собранието е одложено за следната недела, со образложение да се остави простор пратеничките групи на владејачката партија и на опозициската СДСМ да предложат свои членови, иако опозицијата не сака да предлага.
За денес беше закажана седница на Комисијата за избори и именувања, на која требаше да бидат предложени членови за новата Анкетна комисија како и нејзин претседател, за која минатата седмица позитивно се изјаснија 62 пратеници.

Сепак, првиот час од седницата мина во дискусија за предлогот на СДСМ оваа точка да се тргне од дневен ред. Од партијата сметаат дека нема потреба за оваа, како што ја нарекоа, контра-анкетна комисија, која ја сметаат за владејачки пандан на веќе формираната Анкетна комисија за утврдување на политичката одговорност во скандалот со прислушувањето.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, предложи формирање анкетна комисија за фабриката за афери, затоа што според него е доволно голем скандал сознанието дека во Македонија биле издавани фалсификувани лични карти.

„Кај неколку лица беа пронајдени над 120 илјади украдени идентитети на личности, огромен број фалсификувани лични карти, голем број на фалсификувани пасоши како од Република Македонија, така и очигледно од Република Бугарија и Република Турција, пронајдени се над 70 илјади прислушувани разговори и цела низа од документи за кои што Јавното обвинителство веќе потврди дека како информации се точни. Врз база на информацијата дека значајни политички и одговорни лица на функција во Република Македонија биле во контакт, корелација, а можеби и во соработка со оваа група на лица која фалсификувала лични карти, пасоши, крадела идентитети, чувала кај себе снимени разговори, цениме дека Собранието на Република Македонија има суштинска надлежност да го истражи целиот случај и да изготви документација врз база на која што понатаму ќе се постапува“, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, при предлагањето на формирање ваква комисија.

Димовски смета дека Собранието има обврска да обезбеди услови за чисти избори на 24-ти април 2016 година, а еден од предусловите за да се добијат чисти избори е расчистување на оваа афера со фабрика на фалсификување документи.

Координаторите на пратеничките групи на ДУИ и ДПА, Талат Џафери и Имер Алиу, се потпишаа на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за формирање нова собраниска анкетна комисија, а пратеничката група на СДСМ ја отфрли иницијативата како „евтин пропагандистички трик“.

„СДСМ нема да дозволи да биде верификатор на криминалот и незаконитоста на работењето на Никола Груевски. Барањето за формирање на некаква си нова комисија за т.н. фабрика за афери е само евтин пропагандистички трик на ВМРО-ДПМНЕ со цел да се избегне нивната одговорност, одговорноста на нивните функционери со евидентните, дури и докажани криминали и корупција за што и беше и постигнат договорот од Пржино и формирана Анкетната комисија“, рече пратеникот на СДСМ и претседател на Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето, Петре Шилегов.

OhridNews

извор Макфакс