Веќе три  месеци во Охрид работи Здружението за негување на македонскиот фолклор „Фолклор“, во чии што рамки егзистира Ансамблот за народни ора „Филиграни“. Од дваесетина членови на почетокот, денес бројот на активни вљубеници во македонскиот фолклор е повеќе од четириесет и секојдневно се зголемува. Со Ансамблот “Филиграни, раководат познати ентузијасти од јавниот живот и од областа на работа со децата, Љупчо Милковски и Илче Ѓорески, а пробите ги води искусниот и реномиран кореограф, Зоран Тодоровски. Во рамките на Ансамблот „Филиграни“ моментно работат две играорни групи, распоредени според возраста, една музичка и една пејачка група.


    
– Ансамблот „Филиграни“ уште на почетокот разви голема меѓународна соработка со сродни ансамбли и културно-уметнички друштва од цела Европа. Во рамките на таа соработка, делегација на ансамблот во месец декември 2009 присуствуваше на јубилејниот концерт на КУД „Абрашевиќ“ од Крагуевац-Р.Србија, а планирано е во месец март оваа година на покана на Центарот за работа со деца од Банско-Р.Бугарија, ансамблот да има неколку дневен престој во Банско.- ни изјави Илче Ѓорески.


Во текот на 2010 година се планираат 20-тина концертни настапи во Охрид наменети на странските гости кои ќе престојуваат во нашиот град, учество на фестивали во Софија-Р.Бугарија, Ужице и Деспотовац-Р.Србија, како и во градот Бидгосц-Р.Полска. За крајот на годината, на покана на македонско-хрватското здружение „Браќа Миладиновци“ од Осијек-Р.Хрватска, договорено е учество на нивниот јубилеј. Оваа година Ансаблот „Филиграни“ е организатор на четвртиот меѓународен фестивал „РАЗИГРАНО ОРО“, со учество на преку 1000 играорци од повеќе европски земји.

Пробите се оддржуваат секој вторник и четврток од 19:00 до 21:00 часот во просториите на спортската сала на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, кога се врши и прием на нови членови.

Ohridnews