Коле, бре,  другару мој од детските времиња.Ти си остана таму, а јас се најдов ваму во Миладонија.  Во Миладонија, се  свиткав целиот под  теретот на животецот. Можам да речам дека сум дури и среќен. Среќни сме сите оти кај нас важи правилото: прво да е среќна државата , а за народецот – она што ќе остане од среќата.  

Инаку, пријателе мој, срамота е ако не знаеш  каде е Миладонија. Таа ти се наоѓа тука негде. Долу. Малку подолу. Опкружена е како во некое трло, а може да ти се стори дека лебди како оаза во  Вселената.Затоа Вујче Сем деновиве ни стави Сателит од северната страна. Како најнов изум на Вујче Сем, Сателитот има 6 антени за да ги прибере сите оние кои допрва ќе се отцепуваат. За да има струја Сателитот, ние ќе го празниме најголемото Езеро и од нашата вода западниот ни сосед (оти тој нема струја ни за себе) ќе прави струја за Сателитот. Затоа сите ја сакаат Миладонија: нема што не дава свое за доброто на другите. Заради едните  дадовме земја, зради  другите малку народ, заради третите историја, заради четвртите знаме и име. За доброто на другите и за ќефот на  Вујче Сем, ако треба и без гаќи ке одиме. Едноставно, ќе ги симнеме за да ги задоволиме страстите на другите.

Најважно е што сега Миладонија се наоѓа на прагот на ЈУРОП.  Каков е тој праг, колкав е,  колку е висок за прескокнување  и кога конечно ќе го прескокнеме – тоа само еден Господ знае бидејки, пишува во старите книги, Миладонија е Библиска земја. А  Библијата може да ја толкува само Горнион, а не секој како што сака и како што ќе му притреба. Оти, недај Боже, Библијата не е некаков Рамковен Договор чиј текст повиканите главатари го читале на Миладонски јазик ама го потпишале на непара разбирлив, па сега  не го знаат изворното значење на она што го потпишале.

Како држава, ние сме ти најсовремениот демокрастки пронајдок . Кој како сака, така и не нарекува. Ама, ние не се лутиме. Миладонија, според организацијата, е Сојуз на племенски главатари и нивни поданици. Во развојот на државноста  најнапред бевме нешто како Ботаничка бавча : разни белосветски бадијалџии садеа најчудни, дотогаш нечуени идеи, како некои егзотични цвекиња. Потоа   станавме Губернија. Тоа тие слично како во она ,,пусто турско“ ама сега имаме Губернаторка – слично на она што кај вас се нарекува Амбасадор –  без везири, аги и бегови. Губернаторката им кажува на нашите жонглери – кај вас ги викате политичари – што, кога и како да направат нешто, па дури и воопшто – дали да прават нешто.

Најбитно е што сега ќе ни „туриваат“ позвучно име и што сме созреале како Рамковна Заедница пред која е светлата перспектива да стане – Резерват.  Сега сме моментално во фаза на чекање ,, јасни сигнали“. А, знаеш и сам – нели ги паметиш филмовите со поглавицата Винету – кои беа тие што чекаа јасни сигнали и каде се најдоа откако им згаснаа сигналите, то ест, знаеш каде сега живеат истите.  Немој да помислиш дека ,, историјата се повторува“  ако тој ,,јасен сигнал“ наскоро  дојде од некој град кој во колективното паметење има некакво  трагично значење во поранешната историја на Миладонија. За нас не е битна историјата. Ние не се оптоваруваме со нашата историја и нашето минато. Така на пример, порано, во историјата, повекето што живееа со нас или до нас – ни беа браќа или како браќа. Сега одиме само до први братучеди. Единствено може покрвно да се ородиме само со Америте и тие да ни бидат ,,вујковци“. Како Вујче Сем. Тој ни ја пишува Рамковната историја и ја трасира нашата безимена иднина. Ама, ќе видиме. Ќе го проценат  тоа  нашите жонглери откако ќе помине времето за добивање ,,јасен сигнал“.

Ние во Миладонија политиката ја сметаме за главно и основно занимање – покрај лажењето.  Политиката ти е нешто како Профитен центар во некоја Компанија. Тоа не е нешто како во Парламент каде што некој зборува а друг слуша што првиот зборува. Не, бреТоа ти е Големо Пазариште исполнето со најмногу 120 мисироци и мисирки. Тие тука се изложени од страна на Партиските Главатари во име на целиот народ. Обучени се и дресирани да гракаат по команда – соло или во хор ; да ја кренат главата или да ја држат пикната в пазуви. Тука седат и најдокажаните демократи. Тие ја користат Миладонија само како база а единствената  љубов ја имаат за црниот двоглав орел.  Тоа се оние кои само бараат нешто за својата племенска заедница а ако не добијат, тогаш заминуваат в планина. Го откопуваат оружјето, ќе го развиорат знамето на Вујче и  се играат качаци се додека Вујче не ги награди со нешто што ќе го земе од Миладонското општество.

Во развиените држави како што е Миладонија, срамота е да се бавиш со макотрпна и секојдневна работа. Во фирми и фабрики работаат само оние што не стигнале да се адаптираат на златнава ни демократија. Ама, во суштина, и тие се среќни на свој начин. Во најголем број тоа се романтичари : работаат од љубов. Не земаат ни плата, немаат ни социјално ни пензиско. На работа одат или од љубов кон фирмата или за да го сменат домашниот амбиент, да разбијат монотонија

Овде во Миладонија, пријателе мој, највработена и најработна е- администрацијата то ест бирократијата. Таму се и најголемиот број вработени од целата држава.

Од другите поважни ,,стопански“ гранки треба да ти ги спомнам: НЕВРАБОТЕНИТЕ  (тие се најбројни ама се безнадежна гранка и затоа не можеш на неа да се подпираш); СТЕЧАЈЦИТЕ (тоа се оние кои се секогаш подготвени да прават собири и манифестации оти немаат друга работ); ТЕХНОЛОШКИОТ ВИШОК (тоа ти се луге кои наликуваат на крстосница: нити се за на работа, нити се за во пензија); ПЕНЗИОНЕРИТЕ (покрај оние што се преработиле во животот па сега чекаат ред за на оној свет, тука спаѓаат и оние кои се здрави како арслани и пеливани ама се корисници на инвалидски пензии); НАРКОМАНИТЕ (од ден на ден нив ги има се повеќе); ПРОСТИТУТКИТЕ (тие се вистинскиот доказ за нашата демократија оти во други општества тие се ,, жигосани“  а во Миладонија тоа ти е ,,кремот“ на женскиот свет); и на крајот на стопанските гранки на Миладонија се наоѓа онаа РАБОТНИЧКАТА: Таа е ем најтенката и скоро целосно исушена гранка, ем е најсвиткана и кога ја гледаш ти наликува на расипан телевизор : има слика – нема тон.

Ние овде во Миладонија сме најздравите  луге на планетата. Сами си се лекуваме: со чаеви,тревки, гатачки, баачки; со кромид, компир – со што ќе се најде. По доктори и прегледи не одиме затоа што сакаме да ги претвориме амбулантите и аптеките во продавници, канцеларии, спомен – домови и партиски штабови. Ако, пак, ни тргне во туризмот – болниците ќе ги претвориме во хотели ! Затоа и оние најболните, оние за операција – се си носат од дома, а во тие идни хотели остануваат само по 2-3 дена колку да научат како сами да се лекуваат во домашни услови !  Докторите, пак, наши сега се преквалификуваат. Стануваат жонглери или одат во Големото Партиско Пазариште, а ако не успеaт во тоа тогаш најлесно им е да станат бизнисмени, дилери, поети, сликари !  Увидоа, конечно, дека целото здравство е : технолошки вишок !

Треба да знаеш дека кај нас нема војска. Оние што сакаат униформа имаат увезени инструктори и со нив или без нив, по обуката одат на печалба во непознати краишта и си ја испробуваат среќата то ест судбината да видат дали ќе станат колатерална или поинаква мета и штета. Така, нашите униформирани сили одат на гурбет, а нас  доколку треба и затреба – ќе не бранат Вујче Сем и неговата Компанија. Со оружјето немаме проблем оту тоа прашање го решивме ефикасно: нешто продадовме скришум, нешто прошверцувавме за да го зајакнеме социјалниот статус на жонглерите. Остатокот, качаците го закопаа во земуници  и трапови место компир или за да пукаат по свадби и веселби.

Со касарните, малку е поголем проблемот : Ако ги претвориме во хотели – нив ги имаме доволно. Ако ги претвориме во бордели – ќе се направи нов проблем: Ај што ке се испотепаат курвите на  тие тендерите, туку ќе треба да градиме дополнително нови оти курвите ги има повеќе од касарните.  Има едно размислување – да ги отстапиме касарните за живеење на лугето. Ама, нема кому да ги понудиме за таа намена оти во Миладонија,  не само што нема бездомници, туку и лугето се навикнале КОМОТНО да живеат во шупи, гаражи, настрешници, поткровја, тераси, подруми, летни и слични кујни и веранди по дворовите и бавчите. Некои  мислат дека е добро, касарните да ги дадеме на  Гемишт – Полицијата. Така си ја викаме на галено оти ни е  Рамковно – демократски измешана. Испомешана е заради модата, заради рамковната слика што треба да си ја стекнат поданиците на одделна племенска заедница. Затоа, кога Рамковната полиција шета, мора едниот да биде висок, другиот низок, третиот дебел ; едниот црн, другиот во сукња, третиот маскиран. Еден е за латиница, другиот за кирилица, а третиот – за непознато државјанство.

Коле, другару мој од детските дни, ти се јавив за да знаеш каде живеам и која е Миладонија. Ако Вујче и ЈУРОП не прекрстат ќе ти се јавам за да знаеш како да ја најдеш Миладонија. Дотогаш, остани ми со светла перспектива“.

Никола Маневски
   (Авторот е дипл.политиколог)