Дури тројца македонски кошаркари имаат можност да се најдат во идеалната петорка на кошаркарското Европско првенство (ЕП), кое изминативе дваесетина дена се одржува во Литванија. Станува збор за Перо Антиќ, Владо Илиевски и Лестер Бо Мекејлеб, кои се на списокот од 12 кошаркари за кои можат да гласаат новинарите кои известуваат од континенталниот кошаркарски собир на Балтикот. Ова е првпат воопшто македонски кошаркар да се најде во можност да биде дел од најдобриот состав на еден шампионат од највисок европски ранг.


Според добрите познавачи на кошаркарските прилики речиси е сигурно дека меѓу најдобрите петмина ќе се најде Мекејлеб, кој е една од најголемите ѕвезди на 37. ЕП во кошарка. Натурализираниот Американец со македонски пасош е во игра и за најпрестижната индивидуална награда на првенството во Литванија, титулата за најкорисен, МВП-играч на континенталниот шампионат. Најголема конкуренција во оваа категорија ја има во шпанците Хуан-Карлос Наваро и Пау Гасол како и во францускиот ас Тони Паркер.


 

Сите акредитирани новинари што го следат ЕП имаат право да го дадат својот глас за најдобрите петмина кошаркари по свој вкус. Според правилата, четири кошаркари мора да бидат избрани од понудениот список додека петиот глас, според желбата на новинарите, може, но и не мора, да биде даден за кој било друг кошаркар што настапил на ЕП.


На понудениот список на играчи што најмногу покажаа на континенталниот собир покрај македонската тројка се уште и Николас Батум, Жоаким Ноа, Паркер (Франција), Витали Фризон, Андреј Кириленко, Тимофеј Мозгов (Русија), Пау Гасол, Марк Гасол и Наваро (Шпанија)