Државната комисија за спречување на корупција ќе побара од Владата да ги преземе сите активности за одземање на ингеренциите од општините Охрид, Струга  и Дебарца со цел надлежностите за рушење на дивоградбите да бидат под владата. Причината, според претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, е премалата сума која Охрид во 2019 ја има одделено за ангажирање на фирма која треба да ги урне дивоградбите.

„Општина Охрид, во 2019 година има еден договор со еден оператор и тоа од 1.5 милиони денари со пресметано ДДВ. Сметаме дека тоа е премал износ, ДКСК ќе упати барање до Владата да ги преземе сите активности, за да ги одземе ингеренциите на сите општини, кои се во овој регион по заштита на УНЕСКО и да се справи со бесправно изградените објекти. Со овие средства може да се урне една дивоградба, а тоа упатува кон тоа дека има селективен пристап. Овој регион е под заштита на УНЕСКО и мислам дека Владата треба да ја преземе надлежноста и да заврши со бесправно изградените објекти“, изјави Ивановска.

Во Охрид, според регистарот на општината, се регистрирани 1076 дивограби, од кои 409 во заштитено подрачје.

OhridNews