Антикорупциската комисија отвори предмет за советникот од ДУИ во советот на Општина Охрид, за дивоградбата кај Чинарот. Како што информираа од комисијата, предметот се разгледува и штом ќе биде завршен, заклучокот ќе биде испратен до општина Охрид.
- Отворивме по сопствена иницијатива предмет во врска со информации обајавени во медиумите за бесправно изградените објекти во стариот дел од Охрид, како заштитен град под УНЕСКО, и отворивме по сопствена иницијатива предмет во врска со информации објавени во медиумите за склучените договори за јавна набавка помеѓу општина Охрид и правни лица, односно економски оператори со цел уривање на бесправно изградени објекти на територија на општина Охрид. Во врска со објавениот тендер од страна на општина Охрид за избор на фирма која ќе ги руши дивоградбите во Охрид, каде меѓу двете фирми кои доставиле понуди на тендерот е и фирмата во сопственост на член на советот, кој е и сопственик на пицеријата дивоградбата кај чинарот, државната комисија за спречување на корупција испрати соопштение за ограничување кое се однесува на службени лица во соработка со правни лица што се во нивна сопственост или сопственост на нивни блиски лица, а во насока да превенира потенцијален судир на интереси што ќе настане доколку не се почитуваат тие ограничувања, изјавија од комисијата.
Оттаму, додаваат дека заклучокот вродил со резултат.
„Ефектот е што градоначалникот на Охрид излезе со став во јавноста дека ќе го почитува мислењето и укажувањето на комисијата“, беше кажано на денешната прес конференција на Антикорупциската комисија.
OhridNews












