Порталот Нова објави дека Државната комисија за спречување корупција на 24 април годинава донела решение да уништи архивски материјал од 2002 до 2014 година, пренесува „Макфакс“.

Државниот архив ја примил листата со попис на документите за уништување и дал дозвола да се уништат. Ова го пишува во документот за уништувањето на документацијата до кој дојде НОВАТВ додека биле изнесувани материјалите од Комисијата. Со документи се наполнија два автомобила, а по пристигнувањето на екипата на НОВАТВ престанаа да се товарат документи во автомобилите по што дојде возило на компанијата ДС Смит, која се занимава со производство на хартија и амбалажа и истата ја презеде за, како што рекоа оттаму, уништување.

Голем дел од документацијата се фајлови од случаите коишто ги водела Комисијата против државни функционери. Камерата на НОВАТВ ги забележа досиејата од големите корупциски случаи кои никогаш не добија завршница, како на пример „Топилница – Велес“ и Случајот со злоупотреба на службената должност од страна на директорот на Јавното претпријатије „Македонски шуми“, Жарко Караџоски.

OhridNews