Дел од членовите на Советот на Општина Охрид и еден судија од охридскиот Основен суд, ќе треба да платат казни од 1000 до 3000 евра, затоа што не поднеле Изјава за судир на итереси. Ова вчера го соопшти Државната Комисија за спречување на корупција, која најави дека покрај изречените парични казни, ќе поднесе и прекршочни пријави за неисполнување на оваа законска обврска.

Според информациите на Антикорупциска, кои беа изнесени на вчерашната прес-конференција во Скопје, вкупно 26 судии од цела Македонија, не поднеле Изјава за интереси до комисијата. Единствен од охриските судии, кој не ја исполнил оваа обврска е судијата Иво Поповски. 
Изјава за интереси, во смисла на Законот за спречување судир на интереси, е изјава на службеното лице која содржи податоци за неговите лични и приватни интереси во вршењето на неговите овластувања и должности. Тоа се податоци за личните ангажмани од секаков вид и обем на службеното лице како и ангажманите на неговите блиски лица. Ваквата изјава и служи на Државната комисија при постапувањето по предмети од областа на судир на интереси како алатка за брзо добивање на информации со што веќе значително се скратува времето на постапување од страна на Државната комисија по предметите од областа судир на интереси.











