Младиот охридски кошаркарски тренер Антонио Савевски, кој трагично го загуби животот во тешката сообраќајна несреќа на патот Охрид – Кичево, ќе биде погребан в недела, 6 септември, на Градските гробишта во Охрид.

Ин мемориам: Антонио Савевски 1993 – 2026

Посмртните останки на Савевски ќе бидат изложени во капелата на Градските гробишта од 12 до 12:30 часот, по што ќе биде извршен погребот.

Трагичната смрт на 33-годишниот Савевски силно ја погоди охридската и македонската спортска јавност. Од него на социјалните мрежи со емотивни пораки се простуваат негови колеги, соработници, пријатели, спортски клубови и навивачи. Савевски беше успешен тренер во младинските категории, а во кариерата беше дел од тренерските тимови на Охрид, Вардар, Водно Санс и Ангели.

Од ГКК Охрид, каде Антонио ги направи првите чекори во тренерската кариера, порачаа дека со својата посветеност, енергија и љубов кон кошарката оставил трага во клубот и кај луѓето со кои работел.

Денес не се простуваме само од поранешен тренер на ГКК Охрид, туку од човек кој беше дел од нашата кошаркарска приказна и кој засекогаш ќе остане дел од спомените на клубот, стои во прошталната порака на ГКК Охрид.

Од Антонио се прости и навивачката група „Рибари“, чиј дел беше тој и со која ја споделуваше љубовта кон Охрид и спортот.

Неговото дело ќе остане врежано длабоко на нашата трибина, енергијата што ја поседуваше ќе пулсира низ секој нареден стих, а неговото име вечно ќе се памети како човек со големо срце“, порачаа „Рибари“, завршувајќи го последниот поздрав со зборовите од навивачката песна чиј автор е токму Антонио: „Милион песни јас за тебе, милион мигови…“

Савевски го загуби животот во тешката сообраќајна несреќа што се случи на 2 септември на автопатот во изградба Охрид – Кичево. Покрај тренерската работа и големата љубов кон кошарката, беше страстен колекционер на кошаркарски дресови и поддржувач на охридскиот спорт.

Г.М.