Младиот охридски кошаркарски тренер Антонио Савевски, кој трагично го загуби животот во тешката сообраќајна несреќа на патот Охрид – Кичево, ќе биде погребан в недела, 6 септември, на Градските гробишта во Охрид.

Посмртните останки на Савевски ќе бидат изложени во капелата на Градските гробишта од 12 до 12:30 часот, по што ќе биде извршен погребот.
Трагичната смрт на 33-годишниот Савевски силно ја погоди охридската и македонската спортска јавност. Од него на социјалните мрежи со емотивни пораки се простуваат негови колеги, соработници, пријатели, спортски клубови и навивачи. Савевски беше успешен тренер во младинските категории, а во кариерата беше дел од тренерските тимови на Охрид, Вардар, Водно Санс и Ангели.

Денес не се простуваме само од поранешен тренер на ГКК Охрид, туку од човек кој беше дел од нашата кошаркарска приказна и кој засекогаш ќе остане дел од спомените на клубот, стои во прошталната порака на ГКК Охрид.

Неговото дело ќе остане врежано длабоко на нашата трибина, енергијата што ја поседуваше ќе пулсира низ секој нареден стих, а неговото име вечно ќе се памети како човек со големо срце“, порачаа „Рибари“, завршувајќи го последниот поздрав со зборовите од навивачката песна чиј автор е токму Антонио: „Милион песни јас за тебе, милион мигови…“
Савевски го загуби животот во тешката сообраќајна несреќа што се случи на 2 септември на автопатот во изградба Охрид – Кичево. Покрај тренерската работа и големата љубов кон кошарката, беше страстен колекционер на кошаркарски дресови и поддржувач на охридскиот спорт.
Г.М.












