Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ од Скопје преку писмено соопштение испретено до медиумите упати апел до сите учесници на Вевчанскиот карневал, оваа година да овозможат уметност, досетливост, хумор и сатира без притоа да ја згрозат и македонската и пошироката јавност со насилство врз животни, како што беше случај минатата година.

-Минатата година бевме сведоци на терор, садизам и свирепо насилство над животните. Можевме да забележиме убиено куче кое беше дел од маската на василичарите. Јазикот на кучето беше исплазен и му се гледаше вилицата, а нозете му беа врзани на два стапа како на ражен и висеше со главата надолу додека маскираните дефилираа низ карневалот. Безмилосниот однос на учесниците кон животните се истури и на кокошките кои беа живи бодени на вили. Овие мртви животни последниот ден од манифестацијата биле фрлени во огнот, каде, според традицијата, на крајот се фрлаат маските, велат од „Анима Мунди“. Оттаму се надеваат дека поучени од минатата година, годинава, овој настан ќе помине без инциденти и насилство кое беше осудено од сите страни.

Од здружението предупредуваат дека доколку се повторат слични ситуации со насилство врз животни, ќе бараат исклучување на Вевчанскиот карневал од здружението на европските карневалски градови поради промовирање на насилство и терор врз животните.

OhridNews