Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата-Охрид упати апел до учесниците во сообраќајот за внимателно, дисциплинирано и совесно однесување, со максимално почитување на сообраќајните правила и прописи, со цел безбедно одвивање на сообраќајот на патиштата во Охрид за време на Велигденските празници и продолжениот викенд.
-Во услови кога во Охрид бележиме зголемената фреквенција на сообраќај, посебно во централното градско подрачје, потребно е дисциплинирано управување на патничките и други моторни возила, почитување на пропишаната брзина на движење, да се користи безбедносниот појас, да не се користи мобилниот телефон а посебно да не се седнува зад воланот под дејство на алкохол или наркотични средства. Неопходно е користење на пешачките и велосипедски патеки и внимателност за личната но и за безбедноста на останатите.
Возачите на моторни возила, посебно младите возачи, да ја контролираат брзината на движење, да ги почитуваат пешаците, моторциклистите и велосипедистите на сообраќајниците, да држат безбедно расојание и секогаш да им овозможуваат првенство на минување како ранлива категорија учесници во сообраќајот. – стои во апелот.
На моторциклистите им се посочува дека треба задолжително да користат заштитен шлем-кацига неопходна и за сопатникот на моторциклот, да внимаваат на брзината на движење и безбедно да вршат претекнување или промена на страната на движење со навремено вклучување и користење на жмигавци, а пешаците да ги користат обележаните пешачки премини за безбедно преминување на коловозите на сообраќајниците и кружните крстосници. Велосипедистите, дисцилинирано да се движат по обележаните велосипедски патеки, исклучиво да ја користат десната страна за движење по коловозната лента, да вршат сигнализирање со рака за секоја промена на управување со велосипедот, внимателно да се движат покрај паркирани автомобили, задолжително да користат предно и задно светло при ноќно управување на велосипед.
-На овај начин, сакаме да придонесеме за унапредување на сообраќајната превенција, да ги намалуваме ризиците во сообраќајот и можностите за сообраќајни незгоди, да ја подигнеме сообраќајната култура и јавната свест кај сите категории учесници во сообраќајот од потребата за почитување на сообраќајните правила и прописи. – велат од Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата-Охрид.
OhridNews












