Со долг аплауз, колегите, пријателите и семејството на новинарот Никола Младенов, му оддадоа почит за се што направи во новинарството.
Сопругата на основачот и главен и одговорен уредник на неделникот Фокус, Билјана Младенова, наместо едноминутно молчење побара едноминутен аплауз за нејзиниот сопруг за се што направил во медиумскиот бизнис и за новинарството.
„Се гордееше со сите новинари на Фокус. Велеше Фокус не го правам јас, туку новинарите во редакцијата. Велеше дека ако го оставиш новинарот сам, да не му правиш притисок, најдобро и најпрофесионално ќе ја заврши работата“, рече Младенова и посебно и’ се заблагодари не новинарката Јадранка Костова со која Младенов долги години соработуваше а последната година ипол година и на дневното издание Фокус.
На комеморацијата говореше и неговиот долгогодишен колега Синиша Станковиќ кој рече дека Младенов не бил „новинарче“, туку новинариште и борец за слобода.
„Сакаше оваа држава да биде ослободена од глупоста, арамилакот, неправдата“, рече Станковиќ.
Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани рече дека со смртта на Младенов, новинарството загуби многу.
„Докрај им остана верен на читателите и критичар на секоја власт. Ова општество уште не научи да ги цени нашите верни граѓани додека се живи“, рече Селмани.
„Направи многу повеќе за демократизација на ова општество од која и да е политичка партија“, рече Тамара Чаусидис, претседател на Самостојниот синдикат на новинарите во Македонија.
На комеморацијата говореше и новинарот на Фокус, Саше Димоски и колумнистката Мимоза Ристова.
Никола Младенов загина кон средата во тешка сообраќајка кај клучката кај Хиподром.
извор:„Макфакс“