При излегувањето од тимскиот автобус, на влезот на „Жалгирис“ арената пред денешниот тренинг, репрезентацијата на Македонија наиде на пријатен пречек. Кога нашите кошаркари почнаа да излегуваат од автобусот, сите литвански фанови, обоени во националните бои, застанаа. Почнаа силно да аплаудираат… „Браво, браво, секоја чест“ и „Со среќа утре, навиваме за вас“, извикуваа тие, пред да почнат да скандираат „Македонија, Македонија“.
Нашите кошаркари заедно со стручниот штаб коректно ги поздравија и им се заблагорадија на искрената поддршка на навивачите чиј сон за европско финале беше срушен токму по поразот од нашиот тим. Огромно е значењето на овие аплаузи на отворена сцена. Литванија, а особено Каунас, живее и постои за кошарка. Голем број од тие фанови порано ни кажаа колку за нив бил болен поразот во четвртфиналето, сепак, запознаени со патот на Македонија до овој историски успех и импресионирани од топлиот однос на целата наша делегација, покажаа дека навистина знаат да ги ценат нашите вредности. И кога сето тоа побуди задоволна насмевка кај сите наши кошаркари, се случи нешто уште поневеројатно.
Од автобусот излезе Предраг Самарџиски, кој летово потпиша за Литвос Ритас. Во срцето на литванската кошарка, пред арената на Жалгирис кој е најголем ривал на новиот клуб на Самарџиски, навивачите почнаа да скандираат „Ритас, Ритас, Ритас“ и да аплаудираат. Неверојатно и неповторливо, но искрено. Под импресии од овој случаен пречек, кошаркарите конечно се поздравија со фановите, влегоа во арената и почнаа со редовниот тренинг.
Неколку пати порано ја издвоивме гостопримливоста на Литванците и финиот однос. И навистина е така… тоа се луѓе кои ја празнуваат кошарката, го сакаат својот тим, својата репрезентација со срце, но истовремено знаат искрено да го ценат и тоа што не е нивно, а што е добро, што е позитивно. Благодарни сме на одличните домаќини.
“извор МКФ“
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com