Јапонската компанија Сумитомо и Универзитетот во Кјото заеднички ги развиваат првите дрвени сателити во светот. Првите резултати се очекуваат до 2023 година, а целта е намалување на отпадот во орбитата.

Партнерството ќе почне со експериментирање со различни видови дрво во екстремни услови на Земјата, за нивна намена во Вселената.

Вселенскиот отпад станува голем проблем поради испраќањето на сè повеќе сателити околу Земјата. Дрвените сателити ќе се распаднат без да испуштаат штетни материи во атмосферата и нема да има паѓање остатоци на Земјата.

Професорот и астронаут Такао Дои од Универзитетот во Кјото, смета дека тоа ќе има исклучително позитивно влијание на Земјата. – Следната фаза ќе биде развој на инженерски модел на сателит, а потоа ќе произведеме и летечки модел, додаде тој.

Како астронаут, Дои ја посети Меѓународната вселенска станица во март 2008 година.

Во овој момент има речиси 6.000 сателити околу Земјата. Според Светскиот економски форум, околу 60 отсто од нив не работат (поточно, веќе се отпад). Истражувачката компанија „Еуроконсулт“ проценува дека оваа деценија, секоја година ќе бидат лансирани 990 сателити. Тоа значи дека до 2028 година во Земјината Орбита ќе има околу 15.000 сателити.

OhridNews